Бројот на превезени патници на двата аеродроми во Република Македонија во континуитет бележи раст, информираат од министерството за транспорт и врски.
Според објавените податоци, во месец јануари 2018 година од двата аеродроми, превезени се вкупно 151.381 патник, што претставува зголемување од 18,7% споредено со јануари 2017 година.
На скопскиот аеродром, во месец јануари годинава регистрирани се вкупно 145.592 патници што во споредба со истиот месец лани, кога биле превезени 123.118 патници, е зголемување од 18,3%. На аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, бројот на превезени патници за месец јануари е зголемен за 30,8% во однос на бројот на патници во истиот период лани.
Вo соопштението на Министерството за транспорт и врски стои дека и натаму посветено работат кон создавање на широка мрежа дестинации достапни за граѓаните на Република Македонија.