Градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари смета дека одземањето на надлежностите да именува и разрешува директори на општинските основни и средни училишта е политичка пресметка во корист на политичката партија ДУИ.

– Денеска, Заев ги одзеде ингеренциите на општина Гостивар и им ги даде на ДУИ. Истото се случи и во 2010 година, меѓутоа тогаш Груевски го направи истото. Каде е резликата меѓу 2010 наспроти 2018 година? Според ова можам да кажам дека се спроведува праксата: кој не мисли како нас треба да се уништи. Едноставно, секоја чест, нависитна ова е „општество за сите”, изјави Таравари.

Надлежностите на градоначалникот на општина Гостивар во делот на образованието му беа одземени вчера попладнето во делот што се однесува на именување и разрешување на директори на општински основни и средни училишта. Министерката за образование и наука Рената Дескоска одговарајќи на пратеничко прашање денеска рече дека причина за тоа е фактот што долго време не можело да се воспостави законитост во работењето во делот на образовнаието.

– Во решението што е донесено, а денеска веќе испратено до општина Гостивар, и ќе биде јавно објавено за да може јавноста да го види, опишани се сите чекори што биле преземани од страна на Државната просветна инспекција, сите решенија што биле донесени од нивна страна со укажување дека градоначалникот треба да ги почитува, но, за жал, тоа до ден денеска не беше сторено, рече Дескоска.

Од кабинетот на Таравари, потврдија дека до нив не е стигнато такво решение, а кога ќе го добијат ќе излезат на прес-конференција или ќе се огласат со соопштение.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/02/2018 23:13