Jавноста треба да знае некои работи за дупката во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија (ПИОМ), некои првпат ќе ги соопштам… Секоја година државата ја покрива дупката во ПИОМ и оваа година таа е приближно 500 милиони евра. Тоа се пари што државата мора да ги внесува во Фондот и ако не е тоа, тие пари би се користеле за изградба на патишта, школи, болници, рече премиерот Зоран Заев во Собранието во попладневната сесија на седницата за пратенички прашања. Тој најави можно зголемување на возраста за пензионирање и на придонесите за вработени.

За разлика од првата сесија, попладневната ја водеше новоизбраниот потпретседател на Собранието, Горан Мисовски.

Одговарајќи на прашањето на пратеничката од СДСМ, Фросина Ташевска – Ременски за дупката во ПИОМ, Заев рече дека за побараните информации секако ќе мора да се одговорат во писмена форма, но и дека поради сериозноста на прашање „се чувствува должен да каже некои работи“.

– Oва е важно прашање зашто актуелнитe пензионери се загрижени, но идните пензионери треба да бидат уште позагрижени. Треба да бидеме загрижени за стабилизирање на ПИОМ. Логиката за падот на невработеноста значи дека тој треба да се полни, но тој создава се поголем дефицит. Знаете дека годините на пензионирање пораснаа опционо 67 за маж, 65 за жени, и тоа треба да значи дека Фондот се полни, но тој создава се поголем дефицит. Фондот постојано се празни. Ако сакаме нормално и здраво да зборуваме, чесно треба да зборуваме и некои работи да ги донесеме во нормала – рече Заев обвинувајќи ја претходната власт.

Тој рече дека е ангажирана Светската банка да се направи комплетна анализа на ПИОМ, на сите влезни и излезни податоци, но и да се провери дали секој што добива пензија, има законска основа да ја прима, како и за тие работни места што се субвенционирани. Според премиерот, ако не се постигне целта да се заздрави економијата и да се крене стандардот, ќе мора, поради дупката во ПИОМ, да зголеми возраста за пензионирање и височината на придонесите.

– Веројатно ќе треба да се повлечат непопуларни мерки. Но, сакаме да го надминеме проблемот со заздравување на економијата. Ете, Македонија излезе од криза, има заинтересирани за инвестиции и тоа е стабилната основа и за ПИОМ и за нови работни места и за повисоки плати, до нивото додека економијата порасне до степен за достоинствени плати во Македонија, тоа е моментот когоа треба да се прекрши заминуваањето во странство од младите. Но ако не биде така, јас мора да ги соопштам и непопуларните мерки што би се презеле. Тоа се покачување на годините за пензија и да ги зголемиме придонесите. Но, тоа мора да го издржи економијата, оти ваквата мерка може да одврати инвестиции. Затоа сме насочени кон издржани мерки. Но и опозицијата мора да биде тука, да испраќаме сигнали за силна држава. Целото ова како механизам мора да биде ставено на здрави основи, без популизам. Се надевам нема да се покачи старосната граница и нема да се покачат придонесите. Но, тоа ќе значи дека е јака економијата – рече Заев.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/02/2018 01:03