Владимир Ѓорчев повеќе нема да биде координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, соопштија денеска од опозициската партија.

Ѓорчев, како што соопшти генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев на денешната прес-конференција, самиот побарал да се повлече од функцијата, поради „голем обем на обврски и презафатеност“.

– Извршниот номитет на негово место за координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија го назначи Драган Данев, додека за негови заменици се поставени пратениците Горан Манојловски и Драган Цуклев – соопшти Јанушев.

Тој информираше и дека се формирани 25 комисии на ВМРО-ДПМНЕ во повеќе области на кои што „примарна цел ќе биде да бидат коректор на власта и да даваат предлози, а истовремено и критики во однос на работењето и во однос на тоа како треба да се подобри животниот стандард на граѓаните.

Како што соопшти Јанушев, комисијата за финансии и монетарни прашања ќе ја предводи екс министерот Кирил Миноски, за локална самоуправа поранешниот градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, претседател на комисијата за семејни прашања и демографија ќе биде Владимир Ѓорчев, комисијата за политички систем ќе ја предводи Тања Каракамишева – Јовановска, комисијата за здравство докторот Виктор Камилоски, комисијата за култура ќе ја води актерот Роберт Вељановски, а комисија за енергетика професорот Горан Чогеља.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/02/2018 01:09