Македонија повеќе не смееме да ја рекламираме како држава со евтина работна сила, рече вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев во вечерашното издание на емисијата „Ноќно студио“ на ТВ Телма.

Претставувајќи ги плановите од нацрт законот за финансиска поддршка на инвестициите, кој е поставен за коментари на ЕНЕР, истакна дека целта е стимулирање на инвеститорите постојано да инвестираат, а не само да ги изнесуваат парите.

Според Анѓушев, мерките од владиниот план за економски раст се стимулативни и истовремено обврзувачки.

Досега, како што рече, од Македонија си заминале компаниите кои имаа сомнителни сопственици и кои немаа деловна активност. Како пример ги посочи „Веибо груп“ од Крива Паланка, на чии сопственици, тврди, им било ветено дека ќе им бидат обезбедени 2.000 вработени за плата од 150 евра месечно со гаранција од пет години.

– Сегашниот закон тоа го анулира и им викаме не доаѓајте на тие кои планираат дека Македонија е дестинација со евтина работна рака. Мора да одиме кон компании кои имаат повисоки технологии, рече Анѓушев.

Според него, претходно биле потрошени многу пари и се субвенционирани 23 компании, а сега ќе се потрошат исто толку пари, а ќе се субвенционира цела економија и тоа реална економија.

– Ако претходната власт потрошила 225 милиони евра и се помогнати само 23 компании, сега ќе бидат потрошени на годишно ниво околу 50 милиони евра, а по нашите симулации критериумите ги задоволуваат да бидат поддржани околу 7.000 компании. Тоа што е најважно е дека ќе бидат и домашни и странски компании. Помошта ќе заврши директно кај компаните, но само за нивни инвестиции, да поттикнеме инвестициски циклус, и само за креирање работни места, при што е услов е ако дадат плата повисока од 18.000 денари, наведе Анѓушев.

За избор на 20 економски аташеа што ги најавува Владата ќе биде распишан оглас, ќе се направи квалитетна селекција, а избраните ќе поминат обука низ Македонија., најави вицепремиерот Анѓушев.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/02/2018 02:10