ДУИ не смета дека го прекршила законот собирајќи пари за партиска членарина. По претставка на Транспаренси интернешнл - Македонија (ТИ-М), Државната комисијата за спречување на корупцијата (ДКСК) утврдила постоење на основано сомневање за злоупотреба на буџетски средства и средства од јавни фондови во финансирањето на ДУИ и за тоа писмено го известила Основното јавно обвинителство Скопје заради понатамошно постапување.

По анализата на Годишниот извештај за членарини за донации за 2016 година, ТИ-М забележала дека на листата како донатори на ДУИ се јавуваат и претпријатијата АД Македонска пошта, АД Аеродроми на Македонија и ЈП Македонски железници – инфраструктура, што, како што се наведува, е спротивно на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и Законот за финансирање на политичките партии.

Висок функционер на ДУИ објаснува дека сите именувани и избрани функционери на ДУИ даваат по пет отсто од платата за членарина во партијата. Во наведените институции со траен налог им одбиваат средства на именуваните функционери од ДУИ и ги префрлаат тие пари од нивната плата на партиската сметка.

- Ако правиш фалсификат или злоупотреба зошто би одело преку банка - посочува тој.

Функционерот на ДУИ смета дека исто така Транспаренси интернешнл - Македонија требала да побара мислење од ДУИ во врска со наодите.

Директорите, на пример, рече тој, плаќаат членарина од плата со траен налог и тоа се перципира како железница да ја финансира ДУИ.

Месечно ДУИ собира околу три до четири илјади евра, а со тие пари се издржува партијата, се плаќа струја, вода... Седиштето во Тетово вели тој е на пример во изнајмен простор.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/02/2018 23:24