„Од Дунав до Охрид“ е заедничката туристичка промоција на Македонија и Србија која денеска беше претставена на 40. Меѓународен саем на туризмот во Белград, кој е во организација на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, заедно со агенциите и хотелиерите. На саемот учествуваа 1.200 претставници од 55 држави.
Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Македонија Љупчо Јаневски нагласи дека заемното обединување кога станува збор за туризам е вистински начин Србија и Македонија и воопшто Балканот заедно да понудат еден туристички производ.
Промовирањето на заедничкиот производ почнува од Белград и ќе биде актуелен на сите светски и европски саеми, со цел постепено да се вклучат и големите туристички агенции од Европа кои би го вовеле тој производ во своите брошури, појасни Тијана Маљковиќ, секретар на Здружението за туризам на Стопанската Комора на Србија.
Според помошник министерката за трговија, туризам и телекомуникации на Србија Рената Пинџо, националните асоцијации на стопанственици, како продолжена рака на стопанството, ги собираат на едно место сите пружители на услуги, од малите производители на храна до големите хотелски ланци и туристички агенции кои директно ќе учествуваат во продажба на производот.
- Првпат имаме соработка меѓу приватниот сектор на Србија и Македонија кој има подршка од јавниот сектор и на едната и на другата земја. Конечна цел е создавањае на зеднички производ не само на овие две земји, туку на Балканот како би се привлекле туристите од далечните пазари - истакна Пинџо.
Таа верува дека следната година на овој ист саем или некоја слична средба, ќе можат да зборуваат за тоа колку аранжмани се продадени, колку туристи ја виделе богатата понуда од природниот потенцијал на Србија и Македонија.
Покрај промоцијата на заедничката туристичка понуда - „Од Дунав до Охрид“ , Македонија на белградскиот Меѓународен саем на туризмот годинава ја промовира и туристичката понуда за Коридорот Е-75 кој од Србија поминува низ Македонија кон Грција, а низ кој во текот на една година поминуваат четири до шест милиони туристи.
Во рамките на Саемот за туризам, беше одржана и традиционалната Охридска промотивна вечер во организација на градоначалникот Јован Стојаноски и ХОТАМ, а паралелно со саемот, на 9. Меѓународен саем на виното се презентираа и повеќе македонски винарници.