Јавноста е шокирана од незаконските и вандалски постапки на СДСМ. Рушењето на споменикот на македонскиот револуционер Андон Јанев Лазов - Ќосето кое беше изведено во раните утрински часови е нелегално.

Ова е извадок од деталниот урбанистички план со впишана маркица за поставување на споменикот, донесена од Советот на општина Центар. Врз основа на оваа маркица е донесена одлука на град Скопје за поставување на споменикот.

Ова е одлуката на Советот на град Скопје, со која се одобрува подигање на спомен обележјето на Ќосето. Оваа одлука е донесена со бадентерово мнозинство на Советот на 15.07.2014 година врз основа на чл.36 од Законот за локална самоуправа и чл.18 од Законот за меморијални споменици и спомен обележја.

Овој правен акт е се уште на сила. Согласно оваа одлука градот Скопје има обврска да го чува, одржува, заштитува и користи споменикот. Оттука постапката на град Скопје за рушење на споменикот е целосно незаконска и претставува акт на вандализам.

Рушењето на споменикот е обид за рушење на идејата за Македонија. Идејата која била мисла водилка на генерации Македонци кои животот го ставија на располагање на татковината.

Јавноста е шокирана од зборовите на бугарскиот европратеник Ангел Џамбазки кој тврди дека рушењето на споменикот е исполнување на договорот за добрососедство со Бугарија.

Зоран Заев, МНР и Петре Шилегов молчат и не го демантираат Џамбазки.

ВМРО-ДПМНЕ прашува уште колку тајни ветување дал Заев на Бугарија како дел од договорот и колку отстапки треба да направат Македонија и македонскиот народ во иднина.

Јавноста е фрапирана со која леснотија СДСМ руши и уништува. Копирање на постапките на Талибанците и ИСИС не значи просперитет, туку назадување.

Наместо нови улици, патишта, училишта, болници, водоводи и канализации, секојдневно сме сведоци на деструкција со која се прикрива безидејноста и неспособноста.

ВМРО ДПМНЕ откако ќе се врати на власт ќе ги исправи неправдите и незаконските постапки на СДСМ.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/02/2018 21:06