Осигурителните компании ќе работат на едукација на населението и на креирање на производи кои ќе бидат прифатливи на пазарот, порача Ѓорѓе Војновиќ, претседателот на Здружението на осигурувањето при Стопанската комора на Македонија.

Тој посочи дека свеста на населението за потребата од осигурување е на ниско ниво, а тоа, како што кажа на денешната прес-конференција, го потврдуваат и бројките од Извештајот на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) за состојбите во осигрурителниот сектор во 2017 година, според кои повторно најзастапени на пазарт се полисите за задолжителното осигурување од автоодговорност со учество од 45,24 отсто.

– Неопходно е да го едуцираме населението за да го сфати осигурувањето како потреба и инвестиција во сигурна иднина, а не како производ кој е непотребен и скап. Постои перцепција дека осигурувањето на живот е премногу скапо. За жал луѓето тоа го мислат бидејќи не се доволно информирани, рече Војновиќ и додаде дека ќе се насочат кон развој на производите во незадолжителните класи на осигурување.

Најави дека деновиве ќе почнат со продажба на полисите за автоодговорност преку интернет.

Во Извештајот на АСО се забележува намалување на полисите за осигурување на имот од катастрофални ризици, односно поплави и земјотреси, како и кај осигурувањето на земјоделските поседи.

Тоа, според претседателот на АСО Климе Попоски, се должи на заострувањето на условите при прием на осигурување на друштвата за осигурување и на зголемувањето на цените поради високиот степен на изложност на ризици од неповолни временски услови.

– Вториот фактор што влијаеше на намалување се одлуките на претходната и сегашната влада за директно обесштетување на сите земјоделци или на населението кои директно беа погодени од катастрофални ризици. Имајќи предвид дека владите секогаш можат да интервенираат од Буџетот се губи мотивот и моралот за купување на полиси за осигурување, рече Попоски во одговор на прашање.

Тој посочи дека е многу подобрена транспарентноста на работењето на друштвата за осигурување и се повеќе се зголемува дисциплината при плаќањето на штети.

До 2015 година до АСО, како што кажа, пристигнувале во просек по 200 преставки за работата на осигурителните компании годишно, а во 2017 година стигнале само 97.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/02/2018 17:23