Иако со договорите на Меѓународната федерација на инженери консултанти (ФИДИК) јасно се дефинираат односите помеѓу надзорот, инвеститорот и изведувачот со рокови и одговорности за секоја страна, тие не се применуваат кај домашните проекти кои не се финансирани од меѓународна финансиска институција. Како причина се наведува недоволното познавање на ФИДИК-договорите за што во наредниот период Асоцијацијата на инженери консултанти на Македонија (АЦЕМА) ќе спроведува обуки на домашните инженери што ќе ја подобри нивната конкурентност.
– Целта на Асоцијацијата е да ги донесе светските искуства и знаењата во Македонија затоа што место за импровизација во изведувањето на големите градежни проекти нема, изјави Денис Ризаов, менаџер за ФИДИК-договори и за оштетни побарувања во ГП „Гранит“, учесник на првата ФИДИК конференција во Македонија, што се одржува денеска во организација на АЦЕМА.
Како што појасни, ФИДИК-договорите се разликуваат од домашните затоа што во нивната изработка учествуваат стручњаци од цел свет, директни претставници на изведувачи, инвеститори и на проектанти.
– Тие создаваат форма на општи услови на договор кои би требало од проект до проект да не се менува, да биде стандардно, да се менува со посебни услови, коишто ја одразуваат специфичноста на подрачјата каде што се изведува проектот. Колку се помали тие посебни услови, толку се помали ризиците за настанување на спор на тој проект, појасни Ризаов.
За големите градежни проекти кои се градат со позајмици од големите банкарски системи се наложува употреба на ваков тип договор бидејќи се напишани на начин што обезбедува фер однос меѓу договорните страни. Ако дојде до дизбаланс постојат механизми кои ги нивелираат ризиците и не се губат значителни средства и време. ФИДИК договорите се користат кај сите големи домашни проекти финансирани од ЕБОР, Светска банка.
Меѓу проектите кои се реализирани во државава, а во кои договорните страни користеле општи услови од ФИДИК-договорите се изградбата на автопатите Кичево-Охрид, Свети Николе Штип, Демир Капија – Смоквица, Скопје – Тетово, реконструкцијата на автопатите Катланово – Велес,…
Според министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, досегашната пракса во Македонија е што помалку да се менуваат општите услови на ФИДИК-договорите, а посебните услови на договорите да бидат што помали.
– Еден современ инженер мора да има добри познавања од ФИДИК-договорите за да биде конкурентен на меѓународниот пазар на труд.рече Сугарески, укажувајќи на важноста од популаризација на ФИДИК во Македонија особено од аспект на вклучување во образовните програми.
Енрико Винк, извршен директор на ФИДИК, нагласи дека при склучувањето на договорите не е најважна најниската цена и оти најниски трошоци се обезбедуваат со избор на најквалитетни кадри.
– Треба да се види како да се идентификуваат ризиците во нашиот бизнис за да можеме да ги намалиме и како со нив да се справиме. Договорот е и менаџирање на ризикот за да се знае како да се справиме и со ризиколт од корупоција, тоа не е само договорен документ. Меѓународните стандарди се проектирани да се справат и со другите проблеми, рече Винк.