Владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев денеска учествува на промоцијата на „Регионалната инвестициска платформа“ на инвестицискиот самит за Западен Балкан во организација на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), што денеска се одржува во Лондон.

„Регионалната инвестициска платформа“, која ќе ја раководи секретаријатот на ЕБОР, има за цел да го интензивира интересот и приливот на странски инвестиции во земјите од Западен Балкан.

Идејата зад оваа иницијатива е да ги понуди потенцијалите на регионот, но и на секоја земја одделно, во рамките на нивните обединети капацитети, како пазар со повеќе од 20 милиони жители.

Новата „Регионална инвестициска платформа“ ќе ги застапува предностите на регионот пред странските инвеститори и ќе ги обедини сите олеснувања и можности за нови странски инвестиции од регионален карактер.

Првите луѓе на владите на земјите од Западен Балкан по тој повод одржаа и заедничка прес конференција. Заев истакна дека борбата против корупцијата е приоритет во политиките на владата и дека политиките со справување со оваа појава ќе продолжат да се имплементираат со поголем интензитет.

Во однос на енергетското поврзување, премиерот Заев нагласи дека Македонија ќе соработува со сите земји во регионот на ова поле и оваа област е една од најпредизвикувачките од повеќегодишниот акционен план на регионалната економска соработка.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/02/2018 23:23