Во Фени индустри од утрото успешно е рестартиран производниот процес. Електропечката се враќа во работа со полна пареа, целосната опрема е ставена во функција и тековно се врши дотур на репроматеријали за континуирано производство, информираат од компанијата Гсол и порачуваат дека рестартирањето на комбинатот следи по само три седмици интензивни подготовки и набавки.
Покрај исплатата на долговите кон вработените од страна на Еуроникел, претставништвото на Гсол во Македонија, со рестартирањето на комбинатот повторно заживуваат бројни компании и од Кавадарци и од цела Македонија преку набавките за потребите на Фени. Целиот процес за успешно рестартирање е потпомогнат и од стечајниот управник и неговиот ангажман околу Фени индустри, како и со поддршката од вработените во изминатиот период, велат од Гсол.
Како компанија, додаваат, што има договор за преработка на руда со Фени, Гсол е обврзана и за повторно започнување со работа и рестартирање на производниот процес на комбинатот, а тоа, потенцираат, ќе доведе до обезбедување плати за вработените, враќање на фабриката во целосна функција и социјално–економски просперитет на целиот регион.