Генералниот секретар на Обединети нации Антонио Гутереш денеска апелираше до сите вмешани страни во судирот во Сирија да прогласат 30-дневно примирје во цела земја во согласност со усвоената резолуција.

- Источна Гута не може да чека, крајно време е да се запре овој пекол на Земјата, истакна Гутереш на почетокот на седницата на Советот на ОН за човекови права во Женева.

Тој додаде дека агенциите на ОН се подготвени да достават помош и да ги евакуираат повредените од Источна Гута, предградие на Дамаск, што е под контрола на бунтовниците, а во кое 400.000 луѓе живеат под опсада.

Шефот на Агенцијата на ОН за човековио права Зеид Раас ал Хусеин изјави дека и денеска продолжиле нападите врз Источна Гута.

Советот за безбедност на ОН во саботата едногласно ја усвои Резолуцијата 2401 со која се бара 30-дневно примирје ширум Сирија за да се овозможи пристап до хуманитарната помош и медицинска евакуација.

Резолуцијата е усвоена откако сириските провладини сили седум дена по ред ги бомбардираа источните предградија на Дамаск кои се под опсада во една од најжестоките офанзива во сириската војна.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/02/2018 00:57