Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги оквалификува денеска како провокација тврдењата за хемиски напад во Источна Гута.

- Во медиумите веќе имаше лажни информации за користење хлор вчера и денеска во Источна Гута, изјави Лавров на пред конференција во Москва.

Лавров додаде дека претставници на руските власти предупредиле вчера дека се подготвуваат такви провокации и најави и нови такви случаи.

- Хуманитарниот прекин на огност од 30 дена во Сирија ќе почне кога сите страни ќе се договорат за тоа како да биде почитуван, нагласи Лавров.

Сириски опозициски активисти соопштија дека едно дете починало и 13 возрасни се со проблеми во дишењето откако авион на сириските владини сили извршил напад вчера врз бунтовничка еклава во покраина на главниот град Дамаск.

Лавров додаде дека групи како Ахрар аш Шам и Џаиш ал Ислам кои Запад ги смета за умерени, но соработуваат со терористите од Џебхат ал Нусра исто се легитимна цел на сириските владини сили и нивни сојузници.

- Новата резолуција на СБ не се однесува за борбата против терористите, изјави тој.

Порпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави денеска дека терористите во Источна Гута не го оставаат оружјето.

- Тие ги држат локалните жители како заложници. Ситуацијата е многу тензична, изјави Песков.

Генералниот секретар на Обединети нации Антонио Гутереш денеска апелираше до сите вмешани страни во судирот во Сирија да прогласат 30-дневно примирје во целата земја во согласност со усвоената резолуција.

- Источна Гута не може да чека, крајно време е да се запре овој пекол на Земјата, истакна Гутереш на почетокот на седницата на Советот на ОН за човекови права во Женева.

Сириската Влада досега жестоко ги отфрлаше сите обвинувања за напади со хемиско оружје. Бунтовниците претходно обвинија дека сириските владини сили извршиле напади со хлор во Источна Гута и на 13 и на 22 јануари, но таквите обвинувања не беа потврдени од неутрални извори.

Обвинувањата за наводен напад со хлор извршен вчера врз последното упориште на бунтовниците во близината на Дамаск, доаѓа по усвојувањето на Резолуцијата на Советот за бебзедност на ОН во саботата, со која се повикува на итно прогласување на 30-дневен прекин на огнот во Сирија, со цел да се овозможи достава на хуманитарната помош и да се изврши медицинската евакуација.

Сириските владини сили минатата недела започнаа жестоки воздушни и артилериски напади врз Источна Гута, што беше оценето како подготовка за копнена операција врз територијата од околку 100 километри квадратни, што е под контрола на бунтовниците.

Во осумдневните напади на владините сили врз Источна Гута загинаа над 500 цивили.

Источна Гута е предградие на Дамаск, кое од 2013 година е под контрола на бунтовниците. На оваа територија, опколена од владините сили, живеат околу 400.000 лица.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/02/2018 01:04