Коридорот 8 и Коридорот 10, но и другите коридори кои поминуваат низ другите земји биле дел од темите за кои денеска се разговарало на инвестицискиот Самит во Лондон кој е во организација на ЕБОР.

Како што соопшти владината прес-служба по Самитот премиерот Заев истакнал дека се работи за сериозни финансиски средства, оти проценката на Коридорот 8 е само две милијарди евра, на делот на Македонија, на делот на Бугарија и на делот на Албанија.

- Се зборува за железничкото поврзување, патното поврзување, но и со можност да се пуштат и оптички кабли заради дигиталната агенда и поврзаноста на регионот, истакна Заев.

Информираше дека зборувале за проекти кои значат поддршка на енергетиката и производството на енергетиката, енергетското поврзување, но и поддршката на компаниите кои треба да инвестираат во целиот овој регион.

- Инвестициите можат да дојдат паралелно, заедно со инфраструктурата, иако тие ги има, сепак мора да ги има уште повеќе, да растеме со поголем интензитет, порастот на нашиот Бруто домашен производ (БДП) мора да биде над четири проценти, за да можат буквално, тоа да го почувствуваат и граѓаните на Македонија и во целиот регион, рече Заев.

На завршетокот на Панелот, била презентирана и Платформата, каде што сите инвеститори можат да ги добијат сите податоци на едно место, за сите земји, вкупно шесте земји од Западен Балкан, каде што ќе им помогне да ја направат крупната слика и за одлуките за нивни инвестирања, но и за одлуките каде да учествуваат на тендерите во делот на изградбата на таа голема инфраструктура.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/02/2018 01:39