Во голем дел на Европа и денеска се забележани ниски температури заради налетот на леден бран од североисток, кој во британските медиуми го нарекоа „Ѕверот од Истокот“. Ова доцно снежно невреме во Полска предизвика смртни случаи. Поради температурите кои се спуштија до 22 степени под нулата, во Полска починаа пет лица, со што вкупниот број лица кој годинава починаа од хипотермија се искачи на 58.
„Ѕверот од Истокот“ во Рим донесе снежна бура, која го парализираше градот. Училиштата се затворени, а авионскиот, железнички и автобуски сообраќај е во пркеин. Италијанската агенција за цивилна заштита ја мобилизираше војската за да помогне во чистењето на улиците.
Холандските власти забранија пловидба по каналите во Амстердам поради големиот студ и дебелиот мраз кој се формираше на површината на водата.
Во голем дел од Германија изминатата ноќ беше една од најстудените, а во делови на земјата беше измерена температура од минус 30 степени.
Снегот и студот големи проблеми предизвикаа и во Велика Британија и Ирска, посебно во нормалното одвивање на сообраќајот. Метеоролозите предупредија дека живата во термометарот неделава ќе се спушти на најниските вредности во последните пет години. Во многу делови на земјата во текот на ноќта падна најмалку 10 сантиметри снег, а британската метео служба за денеска најави нови, обилни снежни врнежи. Голем дек од патиштата во Велика Британија делумно или целосно се затворени, а железничкиот сообраќај се одвива со големи потешкотии.
Ледениот бран „Ѕверот од Истокот“ научниците го објаснуваат со зголемување на температурите во опсег до 30 степени на Северниот пол, што е повеќе од зимскиот просек за тоа подрачје.
Причина за ледениот бран е надоаѓање на топол воздух, кој носи голема влага на Северниот пол. Научниците истакнуваат дека тоа и порано се случувало, но никогаш зачестено и интензивно како во послендите четири години.