ВМРО-ДПМНЕ продолжува да шири лажни вести и со тоа да работи на штета на граѓаните и на Република Македонија. Претседателот на СДСМ и премиер на Република Македонија, Зоран Заев во интервјуто за Ројтерс ги повтори досегашните ставови коишто и се познати на јавноста и соопшти предлози кои се со географска одредница и кои доаѓаат од медијаторот Метју Нимиц.
ВМРО-ДПМНЕ треба да се информира дека новинската агенција Ројтерс ја исправи својата објава и сега е целосно јасно дека се работи за предлози коишто Македонија не ги предлага, туку ги разгледува, како и дека станува збор за потрага на решение без да мора да се менува Уставот на Република Македонија.
Очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ не може да се помири со напредокот на Република Македонија. Поради штетните политики на ВМРО-ДПМНЕ, Република Македонија со години беше изолирана држава со урнисана меѓународна позиција. За разлика од тоа, денес светските медиуми за Македонија ја опишуваат како држава којашто шири пријателство и соработка наместо конфликт, а Ројтерс, Шпигел, Еуроњуз и Фајненшл Тајмс, се само дел од медиумите кои се заинтересирани за напредокот што Македонија го остварува во домашните реформи, меѓународната политика и во решавање на спорот со Република Грција.
Зошто на ВМРО-ДПМНЕ толку и пречи зајакнатата меѓународната позиција на Република Македонија?