Македонија е земја на компетитивни можности за нови инвестиции, истакна премиерот Зоран Заев на денешната средбата со бизнис делегацијата од Саудиска Арабија.

Како што соопшти владината прес-служба, на средбата се разговарало за новите економски политики што ја позиционираат Македонија како стабилна бизнис дестинација, можностите за инвестиции, природните потенцијали и ресурси на земјата и поволната инвестициона клима, како и за мерките на поддршка од Планот за економски раст за нови инвестиции и раст на конкурентноста на претпријатијата.

– За нашата економија е добро да ја јакнеме соработката со Саудиска Арабија на политички и економски план. Македонија отвора можности и може да биде добра бизнис дестинација за инвеститорите од Саудиска Арабија, порача премиерот Заев.

Во таа насока Заев посочи дека потенцијалните заинтересирани инвеститори од Саудиска Арабија може да добијат значителна државна поддршка според Планот за економски раст доколку се одлучат да инвестираат во Македонија по транспарентни критериуми кои се еднакви за сите инвеститори.

– Ве повикувам да ги разгледате и да аплицирате по мерките за поддршка што ги овозможува Планот за економски раст. Инвестициите и Владата на Република Македонија ви стојат на располагање. Македонија е земја која може да понуди компетитивни можности за нови инвестиции. Растот на приходите на компаниите претставува и раст на БДП и затоа Владата на Република Македонија е цврсто определена да го поддржи и помага бизнисот, истакна Заев на средбата со бизнис делегацијата од Саудиска Арабија.

Македонскиот премиер ги информираше инвеститорите дека Планот за економски раст ги дава првите позитивни резултати со што земјата прераснува во атрактивна и стабилна бизнис дестинација, во која за седум месеци има влез на осум нови инвестици, а се очекува конечна одлука и за други 20-тина нови инвестиции.

Претставниците на бизнис делегацијата ги пренесоа своите позитивни впечатоци од тридневната посета на Република Македонија, посочувајќи дека взаемната соработка ќе продолжи да се развива во насока на унапредување на економските релации со нашата држава.

Како шт е наведено во соопштението, на средбата било посочено дека постои интерес за инвестиции во одредени сектори, како што се земјоделството, преработувачките капацитети и прехранбената индустрија, енергетскиот и финансискиот сектор.

На средбата присуствуваа министерот за економија Крешник Бектеши и советниците за економски прашања, а бизнис делегацијата од Кралството Саудиска Арабија беше предводена од почесниот конзул на Република Македонија во Кралството Саудиска Арабија, Абдулах Ал Навасиер



Автор: Администратор
Објавено на: 28/02/2018 17:09