Александар Николовски за nezavisen.mk

Планот 3-6-9, кој медиумски силно беше најавен од Владата, би требало да претставува акциски план за спроведување на реформите што Македонија треба да ги испорача во неколку клучни области, како владеење на правото, правосудство, јавна администрација, медиуми, безбедносно-разузнавачки служби. Според Владата, тие требаше се базираат на препораките на високата експертска груба на Рајнхард Прибе и забелешките од извештаите за напредок на Европската комисија. Целта е да се забрзаат реформите и да се отпочнат преговори за членство со ЕУ. Планот беше изработен без никаква консултација со опозицијата, иако во самиот план има многу работи што се поврзани со закони што треба да се гласаат во Собранието, дел од нив и со двотретинско мнозинство, кое без ВМРО-ДПМНЕ не може да се постигне. Но она што може да се забележи уште на прв поглед е дека овој документ е само медиумски надуен балон за да се прикрие неспособноста, неработливоста и недостигот на волја кај актуелната власт да се спроведат суштински реформи. И тоа ќе го покажам со конкретни аргументи и факти извадени од самиот документ.

На седница на Работниот комитет за европска интеграција одржана на 15 февруари самата Влада заклучува дека иако поминува деветтиот месец, што би значело дека планот треба да е реализиран или во завршна фаза, степенот на реализација е со алармантно ниски 41 отсто, што значи не е ни половина според оценката на Владата! Доколку суштински се навлезе во документот, ќе се види дека и овие 41 отсто се напумпани, што значи дека Владата нема капацитет да реализира план што самата го направила. Значи Владата сама прави план и потоа не може да го реализира. Тоа ја покажува целосната неспособност и некоординираност во Владата! Ако не можат да го реализираат планот што самите го напишале, како ќе реализираат реформи и барања од Европската комисија кои би дошле во текот на преговорите и кои не би ги пишувале луѓето од СДСМ и ДУИ во Владата со скромно експертско искуство, туку врвни експерти од Брисел кои веќе преговарале со многубројни држави за членство. Со ова ниво на работа и исполнителност логично се поставува прашањето – еве, и да се реши спорот за името, колку години Македонија ќе преговара за членство со вакви кадри од Владина страна, веројатно десетици години.

Активностите предвидени за реализација на реформите се најчесто апсолутно недоволни за да се постигне некаква суштинска промена и се само форма колку да се напишат, веројатно мислејќи дека така ќе е полесно да се реализираат, но еве и тоа не оди. На пример, во повеќе случаи се предвидува склучување меморандуми за соработка меѓу институциите, како што е на пример помеѓу МВР, Министерството за труд и социјална политика и Јавно обвинителство, и тоа се смета за завршена активност и реализирана реформа. Државните институции имаат законска обврска да соработуваат меѓу себе и да разменуваат информации. Како тогаш склучување на меморандум би било некаков напредок или некаква реформа?

Освен тоа, другите таканаречени „реформи“ предвидуваат одржување состаноци и обуки и со тоа се смета дека реформата е исполнета. На пример, Владата смета дека капацитетот на комисиите за надзор над УБК/АР и посебни истражни мерки е зајакнат со една единствена реализирана обука и со тоа работата во однос на зајакнување на граѓанскиот надзор над безбедносните служби е завршена. Со една единствена обука. Друг пример, според актуелниот статус на планот 3-6-9, патувањето на голем дел од пратениците и персоналот во Собранието во Велика Британија претставува значаен чекор кон подобрување на функционирањето на Собранието и политичкиот дијалог.

Кога се работи за именување менаџерски кадри во институциите и членови на управни и надзорни одбори, нема никаков статус како се одвиваат овие активности. Разбирливо, зашто наместо квалитетни, професионални и независни кадри се именуваат партиски послушници, како што беше смената на над 1.600 членови на управни и надзорни одбори преку ноќ. Тоа се гледа и во повеќето институции каде што ефикасноста е намалена, а меѓучовечките односи се сериозно нарушени поради реваншизмот и притисокот што се врши врз вработените.

Се прават манипулации со Регистарот на вработени во јавниот сектор кој беше транспарентно објавен уште пред две години. Со цел да се прикрие масивниот бран на отпуштања и нови вработувања на партиски кадри во државните и јавните институции. Во таа насока се направија промени во законите за административни службеници и вработени во јавен сектор, да се симнат критериумите и да се приспособат на потребите за вработување на партиски послушници. Да напоменам дека токму тие закони беа изработени во соработка со СИГМА со поддршка на Европската комисија!

Во делот на соработка со граѓанското општество беше изменета одлуката за формирање Совет за соработка со граѓанските организации и постапката за избор беше повторена (во некои области дури и двапати) со цел да бидат избрани претставници на организациите кои се блиски до СДСМ. Оние исти организации чии членови и директори денес работат како советници во Владата и другите институции. Како може во таква ситуација да се зборува воопшто за постоење на граѓанско општество кое во секоја нормална држава би требало да дејствува како коректив на власта?

Битните стратегиски документи кои би требало да ја постават визијата за земјата за следните години и децении се носат без вклученост на опозицијата и без граѓански организации кои имаат различни видувања од власта. Најдобар пример е Стратегијата за правосудство која беше донесена низ крајно формалистички процес во кој не беа земени предвид ни мислењата на дел од експертите блиски до власта од Совет за реформи во правосудството, кој го формираше самата Влада, а потоа самата реши да не ги почитува неговите препораки, па дел од членовите, како Калајџиев, Најчевска и други решија да си дадат оставки.

И последно оправдувањето за неспособноста и неработата, Владата преку Бујар Османи се обиде да ја најде во опозицијата. Провидна и ниска игра! Ќе го искоментирам најбитниот дел од планот 3-6-9 кој се однесува на борба против организиран криминал и корупција. Од девет мерки, реализирани се само две! Останатите седум не се, а треба да бидат реализирани или од Владата, или од МВР, или од Министерство за правда, ниедна од Собранието! Владата, МВР или Министерство за правда не ги води опозицијата!

Планот 3-6-9 е најдобриот показател кој ни ја води државата – неспособни луѓе, кои само знаат добро да изманипулираат медиуми, да ги кажат трите реченици научени напамет кои Европа сака да ги чуе, а дома да апсат и да се реваншираат. Кога ќе почнат преговорите со ЕУ, ќе се покажат и сите ќе видиме колку не ги бива!



Автор: Администратор
Објавено на: 28/02/2018 19:44