Преку три јавни повика со вкупно 645 милиони денари Владата ќе го поддржува иновативниот и претприемачки дух кај микро, малите и средни претпријатија.

Дополнително, првпат државата по примерот на Израел, ќе ги поддржи малите и средни претпријатија со што ќе стане нивни партнер и ќе учествува во нивната сопственост до 25 проценти. За оваа намена веќе се обезбедени 50 милиони денари, а во владина постапка е релокација на уште 400 милиони денари неискористени средства со што за реализација на оваа мерка ќе бидат обезбедени вкупно 450 милиони денари.

- Тоа се т.н. еквити фондови. Кога компаниите се мали и ризични, државата детерминира средства во фондот и ќе влезе во нивниот капитал до 25 проценти од сопственоста. Државата тоа ќе го направи согласно критериуми и проценка од страна на стручен тим кој ќе ја процени идејата за развој на бизнис, појасни денеска на прес-конференција вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Дел од мерките за поддршка се и 30 проценти поврат на средства за изградба на хали и набавка на опрема за брзорастечките компании т.н. газети, како и покривање на 70 проценти од трошоците за развој на нов производ. Планирана е и поддршка за стручно усовршување за нвовработените лица.

- Ги повикувам сите, а посебно младите, да ја препознаат оваа програма и силно да инвестираат. Да останат во нашата држава и да покажат капацитет на претприемништво, а државата ќе им биде партнер и ќе ги помогне со целиот свој капацитет, рече Анѓушев.

Мерките се дел од Среднорочната програма на Фондот за иновации и технолошки развој за финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија за периодот од 2018 до 2020 година, усвоена на последната владина седница.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски појасни дека условите што треба да ги исполнат компаниите кои ќе аплицираат се дефинирани за секоја мерка посебно.

Покрај сите овие мерки, обезбедени се и средства преку Програмата за конкуретност, иновации и претпремништво што ја спроведува Министреството за економија.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/03/2018 21:00