Oбраќање на Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ na настанот организиран од Унија на Жени на ВМРО-ДПМНЕ во Македонска Опера и Балет.
"Жената со глас, по дефиниција е силна жена". А јас овде гледам силни жени кои го креваат својот глас за работите кои се важни и за кои мора да се зборува во ова општество. Жените рушат стереотипи, и тие мора да се составен дел од процесите, од управувачките структури на компаниите, до високите структури во политиката, од културниот и општествениот живот, до тоа да се силна потпора на семејството.
Нашата земја низ нејзината историја е изградена од силни жени кои активно учествувале во сите подеми и падови, и тие ќе продолжат да уриваат бариери и поразуваат предрасуди. Предизвикот е поголем, бидејќи ова е сложениот Балкан каде ѕидовите на поделби и препреки се преголеми, но сепак не и неуништливи. Затоа мотивот треба да биде и поголем, затоа што ние мора конечно да дебатираме за работите кои ќе не носат напред, да донесеме прогрес кој толку насушно и треба на нашата држава и да создадеме иднина. Нашите луѓе, нашиот народ осиромашува, станува гладен, понижен но во исто време премногу сит од политичари кои се занимаваат со демагогија, без притоа да донесат резултати. Тој прогрес не е можен без жената која секогаш и секаде била носител на тој прогрес.
Знам и убеден сум дека Вие, гордите Македонки ќе го мотивирате тој прогрес и стабилност во нашата татковина и ќе ја донесеме заедно новата надеж за Македонија. Затоа што тоа го можеле и многу други претходно низ историјата на нашата земја, која родила блескави мајки, блескави хероини, бестрашни борци и лидери во многу потешки услови и посилни предизвици.
Дали знаеле и биле сигурни на пример Румена или Сирма војвода дека ќе успеат да победат и ја остварат својата цел за слобода? Сигурно дека не, но се бореле, и со својата борба и саможртва станаа дел од историјата на нашата татковина.
Некои со пушка, но некои со силна верба и пркост како Лидија Македонката, СВ Злата Мегленска, како и најпозната скопјанка Мајка Тереза.
Нема поголем настан низ нашата историја, а да не биле жените дел од тоа. Вклучително и во носењето на слободата на овие простори и остварување на илинденскиот идеал преку формирањето на АСНОМска Македонија. Тоа го потврдува директното учество на над 6000 жени во народно ослободителната војна, од кој околу 300 загинале, но останале да се паметат како на пример Вера Јоциќ, Магдалена Антова, Естреја Овадија, Елпида Караманди, Ибе Паликуќа и други.
И не е само пркоста, македонската жена е и бестрашна мајка, пожртвувана за своите чеда, вистински столб на семејството, страдалник за животот на своите најмили, точно онака како што Прличев ја опишува Неда во Сердарот низ која ги пренесува искрените чувства и вистинската слика која е синоним за македонската мајка.
Сето ова кажува дека улогата на жената има длабоки корени низ растежот на оваа земја.
Преку моите контакти со граѓаните се запознав со Весна од Битолско, мајка на 3 деца, со сопруг стечаец уште од криминалната транзиција кој чека да ја исполни старосната граница за да оди во пензија, бидејќи поинаку работа за него нема. Вели се прехранувам со моите 200 евра плата, а работам од мојата 18-та година. Дневно работам по 12 часа. Додава, ако не е земјоделието и работата на земја на соседите кога ќе не ангажираат, неможе да се прехрани семејството. А децата треба да се прехранат и соодветно школуваат. Лошо ќе биде уште ако ја зголемат старосната граница за пензионирање, за што веќе има најави, тоа ќе значи уште две или три години продолжена агонија. Почитувани, ова е реална и мачна слика од нашето секојдневие која мора да се промени, судбина која ја споделуваат многу жени не само од Битола, туку од Тетово до Струмица, од Куманово до Гевгелија. Во мене ова пробуди чувство на жал за мачната судбина, но и почит, голема почит за оваа жена борец за своето семејство.
Владата мора да покаже активизам, македонската жена да добие шанса, услови за да се развива, да има можности која ќе ја направат активен член на општестото и двигател на развојот. Да отвори борба против семејното насилство каде најчесто се жртви жените, да влезе во бескомпромисна борба против злоставувањето на жените. Одговорноста мора да има име и презиме во оваа држава. Ние за жал станавме држава со секојдневие, каде на вестите се информации за злоставувани штитенички на Домот за деца со социјално-воспитни проблеми, и за тоа имаме отсуство на целосни информации, а чуството дека станува збор за посериозен проблем се заменува со обидот да се сокрие скандалот само за да нема политичка одговорност. Па следните денови ќе дознаеме од медиумите како е тепана полицајка, но веќе утредента кога ќе се сретне со министерот за внатрешни работи, дава изјава дека станува збор за самоповреда од пајак возилото. Нешто што не само што е дезавуирање на положбата на македонската жена, не само што станува предмет на шега на социјалните медиуми туку е и повреда на интелегенцијата на граѓаните. Имаме манифестација на сила, наместо спроведување на правда, а кога силата ќе почне да говори, законот останува недостижен.
Клучот за одење напред и најдоброто оружје за рушењето на стереотипи е образованието. Образование базирано на вистинско знаење и проверени искуства. Во Македонија мора да се работи на искоренување на неписменоста, и никогаш не е премногу од многу литература и професионала надградба. ВМРО ДПМНЕ се поклонува на улогата на жената, и го почитува нејзиниот ангажман. Во креирањето на политиките активно учество има секој еден член од Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, која е најорганизираната политичка сила во оваа држава. Сте ја имале и ќе ја имате мојата поддршка сега и во иднина.
Дозволете, кога влегуваме во деновите од неделата кога ќе се одблежи Меѓународниот ден на жената 8 март, најпрво да го честитам овој празник и да посакам успех во заедничката борба за економска, политичка и социјална рамноправност на жените. Клара Цеткин и Роза Луксембург ги направија почетоците, но патот мора да се изоди, за конечна победа насекаде и во секоја земја Тоа е процес кој несмее да запре, а Македонија е составен дел од тоа.
ВМРО-ДПМНЕ се соочува со политички терор, кој резултираше со притвори меѓу кој има и жени, пред се мајки како Жаклина и Елена. На пратениците им доделија притвор, па дури потоа им го симнаа имунитет. Политички процес парекселанс. За ова прекршување на законот мора да има одговорност.
Целокупната политичка мисија на оваа Влада се темели на играта со ниски страсти која има за задача да ги оцрни за ним неподобните и истите дисквалификува. Па така доколку некој не им чини ја активираат својата свита од дворот со сите нишани да пукаат во метата дека секој кој ќе крене глава е неподобен. За мене, често знаат да кажат дека сум продолжена рака, па така мислат дека ќе го потценат својот противник или ќе го направат помал во очите на јавноста.
Во оваа прилика сакам да им порачам, не само што криво нишаните туку и погрешно пукате, јас Христијан Мицкоски сум единствено на страната на народот, и со таа помисла влегов во политиката и тоа начело ќе ме води до последниот ден од ова мое поглавје во животот. Токму затоа е стравот голем, бидејќи народот многу добро ја соголува нивната прозирна политика и хируршки прецизно ја гледа нивната неподнослива неспособност, општествена и политичка, вредносна и човечка, како сакате. Веројатно им пречи секој македонски став, само затоа што е огледало на нивната немоќ и она што не се тие.
Многу често некои знаат да кажат и дека ВМРО е млако во своите политики, и тука сакам отворено да споделам неколку реченици. Треба да се прави јасна разлика меѓу млако, и внимателно, помеѓу емотивно и математички прецизно. ВМРО ДПМНЕ е огромен брод кој плови низ немирно море и кому му е потребна стабилност повеќе од се друго. Таа стабилност полека, но сигурно доаѓа, а за нејзино постигнување е важен секој еден член. Пловењето низ тоа море не е возможно без меѓународни конекции и пријателства, и затоа во изминатиот период го посветив на создавање на нови или реобновување на постојните контакти. Така фунционира модерниот свет. Но ве уверувам, доаѓа времето кога стабилно ќе запловиме кон проектираната цел.
Бев во партијата и во добро и во лошо, како многумина. Бев сведок на многу падови, но и блескави победи. Го знам пламенот кој гори во срцата на нашите членови, и го споделувам истиот тој пламен, и Ви велам ќе успееме. ВМРО тоа го може!
Гледам дека членови на владата се натпреваруваат преку гол популизам да се прикажат за заштитници на другите заедници кои живет во нашата земја, па така се чини на политичката сцена гледаме една трагикомична фарса од повеќе продолженија каде на маса се фрлаат закони за јазици, лични одлуки за неучество на регионални конференции, барање на личните етнички потекла во историјата и така натаму, но додека филмот трае, во реалноста граѓаните трпат и недобиваат ништо. Животот во Теарце, Вејце, Желино, Арачиново останува ист, непроменет. Обичниот Албанец, споделува исти маки и предизвици како и Македонецот од било кој крај на државата. Потребна е вистинска борба не преку политиканство туку преку реални мерки за подобар живот на македонците, албанците, турците, ромите, власите, србите, бошњаците и сите остнати. Што добиваат сите овие од оваа трагикомична фарса на власта? Големо ништо.
Паролата која ја употребуваа нема правда, нема мир (колку само трогателно треба да звучи) полека станува оскиморон на владеењето на оваа влада, каде ниту мир има, а за правда не се ни зборува. Времето минува, но животот кој го ветуваа никако да дојде, барем не за граѓаните. И во отсуство на вистински проекти, за големо достигнување ќе ни се преставува отворената автобуска станица и преместената 50-ска за едвај триесетина метри, додека ГТЦ замира. За големи инвестиции ќе ни се преставуваат препишаните од претходнта влада, затоа што нови нема, ниту се работи на тоа, автопатите кои ги сопреа очекувам повторно со црвени ленти да бидат отпочнати со градба, а како тргнало може и црвениот килим од кроењето на лозјето ќе биде таму.
Неспособноста е мерлива и видлива. А таа може да се види во секој сегмент, во земјоделието каде ветуваа 160 милиони евра, а во буџетот за 2018 година предвидоа 24 милиони евра помалку. Ветуваа економски раст од 5 осто, а имаме БДП околу нула, градежништво кое паѓа за 11 отсто, индустриското производство кое се движи некаде под нулата околу 4 проценти, намалени девизни резерви за 11 отсто и продолжување на задолжувањето кое ќе продолжи нареднава недела со најавени побарувања од домашното стопанство за нови 56.5 милиони евра. Ветуваа и неостварија поврат на ДДВ, просечна плата од 500 евра и плата од 100 илјади денари за докторите. Животот дојде за неколкумина од нив, но не и за граѓаните.
И се така до недоглед. Оваа криминално тендерска влада мора, и верувам дека ќе си замине. А за тоа е клучен секој еден граѓанин. Мора да се победи ова зло поради кое Македонја тоне. Се работи за принцпи, за вредности, за критериуми кои мора да бидат постигнати. Победата над актуелната влада ќе биде победа над еден забревтан систем со свои поединечни рецидиви кои влечат корени од транзицијата, а кои сега се дел од власта која одлучува за нашата иднина. Тоа ќе биде финална битка за пораз на старите корумпирани политичари и нивно пензионирање. На Македонија и е потребна нова генерација на луѓе.
Пред конгресот велев можеби ќе успеам, а можеби и не, но дека ќе дадам се од себе. Сега знам и сум сигурен дека ќе успеам, и тоа го должам, должам победа за секој еден граѓанин, за секој татко и мајка кој на своите деца им посакува сигурна иднина, победа за секој млад човек кој сака општество на можности и шанси, победа за зрелите луѓе за достоинствена старост, победа за профецсионалците кои ја сакаат својата професија и бараат мирен живот, победа за Сашо и Крсто, победа за Богдан, Владо, Игор, победа за децата на Жаклина кои со плач ја испраќаа својата мајка до судот, победа за моите колеги од професорската фела, победа за моите студенти, за заедничката европска иднина на сите и за нашата Македонија!
Да сте живи и здрави!
Да живее Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ!
Да живее Република Македонија