Министерството за економија и годинава ќе го субвенционира подобрувањето на енергетската ефикасност на домовите и во текот на месецов ќе ги објави огласите за надоместок на дел од средствата за купени и вградени сончеви термални колекторски системи и за надоместок на дел од средствата за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци што ќе бидат отворени до 31 август годинава.

Овие два огласа се дел од Програмата на владата за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетска ефикасност во домаќинствата за 2018 година преку која годинава првпат се додели надоместок на дел од трошоците за купување печки на пелети.

За трите мерки од Програмата вкупно се предвидени 50 милиони денари што ќе се доделуваат преку Министерството за економија од кои 14 милиони се веќе искористени за субвенционирање на печки за пелети, додека за мерката за сончеви колектори се предвидени шест милиони денари, а за мерката за енергетски ефикасни прозорци 30 милиони денари. Сите мерки се доделуваат по принципот „прв дојден, прв услужен“.

Едно лице може да поднесе само едно барање за добивање на надоместок. За да може да ги добие средствата ќе треба да ги има купено и вгрдено во својот дом колекторските системи по денот на објавувањето на јавниот оглас, заклучно со денот на неговото истекување.

За тоа ќе треба да поднесе барање со изјава дека барателот го нема искористено претходно барањето за поврат на дел од средствата, што може да се подигне во архивата на Министерството за економија или да се обезбеди преку интернет страницата на Министерството www.economy.gov.mk. Покрај тоа, треба да достави оригинален доказ за купување на сончевиот колектор со фискална сметка и фактура за направените трошоци за негово вградување.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/03/2018 09:56