Имаме сериозен и основан сомнеж дека претседателката на Советот на град Скопје, Љубица Јанчева, исполнувајќи ги директивите на градоначалникот Шилегов и нивната СДСМ извршија спротивно на закон именување на над стотина членови на управни и надзорни одбори.
Нашиот сомнеж за незаконското делување го темелиме на фактот што одбиваат транспарентност и објавување на биографиите на луѓето кои се назначени за членови на одборите, згора на тоа од медиумите веќе е познато дека меѓу лицата има партиски функционери на СДСМ, лица вработени во градот Скопје, владата и кабинетот на Зоран Заев, а се сомничи и дека меѓу нив има и лица гонети за тешки кривични дела.
Градот Скопје, Петре Шилегов и Љубица Јанчева не направија ниту еден единствен чекор да ги демантираат овие информации.
Шилегов и Јанчева се ставаат над законот, протуркувајќи скандалозни предлози.
Законот за управни и надзорни одбори пропишува дека секое именувано лице мора да има најмалку три годишно работно искуство од областа, да не е осудуван и да има меѓународно признат сертификат за познавање на странски јазик. Останува дилемата колку од овие стотина лица ги исполнуваат овие услови. Законите мора да важат за сите. Неспособноста треба да се искорени.
Шилегов ветуваше професионализација на институциите, а добиваме целосно партиски институции, неефикасни во своето делување.
Ова е прв пат досега градот Скопје да назначи членови на одбори без да биде објавена нивната биографија, ова е преседан кој мора да се расчисти. Советничкото мнозинство на СДСМ безпоговорно го верификуваше овој скандал гласајќи ги овие членови.
Денес наместо да се закаже седница на која ќе се дискутира за овој скандал, надвор од статутот како вонредни точки се ставаат точки на дневен ред кои не се изгласаа на претходната седница само затоа што СДСМ не можеше да обезбеди мнозинство.
Ова преставува поигрување со демократијата.