Повратот на ДДВ кон фирмите е зголемен, се врши неселективно и брзо, а не се подготвува ребаланс на Буџетот бидејќи објавените приходи за почетокот на годината се солидни и обезбедуваат адекватен раст, информира денеска министерот за финансии Драган Тевдовски.
Податоците на Министерството за финаннсии покажуваат дека повратот на ДДВ во првите два месеца од годинава е за 56 отсто повисок споредено со истиот период од 2017 година, односно во јануари и февруари годинава се вратени 1,4 милијарди денари повеќе во стопанството. Минатата година е реализиран поврат на ДДВ за 2,2 милијарди денари повисок во однос на 2016 година, односно за 12,2 отсто повеќе.
Реализацијата на капиталните инвестции на почетокот на годината е пониска, но се прави силен притосок до сите буџетски корисници да ги зголемат активностите, и се очекува годинава, споредено со лани, да има нивна повисока реализација.
Најважно е, потенцира, што се прави се процесите да бидат одблокирани и да се забрзаат активностите.
Како што рече, голем дел сериозни обврски се реализираа на крајот на минатата годината, а ресорните министерства тековно ги решаваат постојните проблеми кај капиталните инвестиции, како што е случајот со изградбата на автопатиштата.
- Точно е дека реализацијата на почетокот на годината е пониска, но правиме силен притисок до сите буџетски корисници, сите институции во системот, да ги зголемат активностите во врска со капиталните инвестиции затоа што само така ќе обезбедиме повисоко ниво на раст на економијата, изјави Тевдовски, одговарајќи на новинарски прашања по седницата на Комитетот за финансиска стабилност.