Србија од утре воведува контрамерки кон Македонија поради проблемот со увозот на брашно. Ова денеска го најави српскиот министер за трговија Расим Љајиќ.
- Не можеме веќе да чекаме. Освен купување време, од нивна страна не видовме никаква подготвеност за решавање на проблемот, вели Љајиќ во изјава за „Данас“.
Посочува дека сакал во петокот и вчера да дојде во Скопје за да разговара со претставници на македонската Влада за решавање на проблемот со увозот на српско брашно во Македонија, но се откажал бидејќи не слушнал конкретен предлог за кој би можело да се разговара.
Од македонското министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство велат дека се разгледуваат сите опции за надминување на состојбата.
За министерот Николовски, решението, контролните маркички за увоз на еден, два и пет килограми брашно да се лепат во Србија, а за пакувањата од 25 и 50 килограми во Македонија согласно новиот Правилник е прифатливо за македонското Министерство за земјоделство.
Се очекува, на денешниот Економски совет на министрите од ресорот економија да биде отворено и прашањето за измените на Правилникот поради кој настана проблемот со Србија.
Министерот Николовски викендов соопшти дека ќе са формира комитет меѓу двете страни кој ќе ги отвори сите можни прашања, а првата седница е закажана овој месец во Ниш.
Проблемот со увозот на српското брашно настана откако Македонија, на 8 февруари годинава, ги воведе измените на постојниот Правилник. Со измените се налага брашното да се обележува со маркички по неговото дистрибуирање и целосна контрола во земјава. Праксата порано беше маркичките да се лепат уште на српска територија.