Имаме конкретен план за третман на актуелната состојба со „Фени“ и реален план за исплата на обврските, завршување на стечајот и реализација на долгорочна инвестиција во Комбинатот, тврдат од бугарската компанија „Минстрој Холдинг“ АД.
- По неколкумесечната работа и анализа на состојбите во Комбинатот, кои вклучуваат согледување на материјално-финансиската состојба, производно-техничките услови, доверителите и пред се, статусот на вработените, „Минстрој Холдинг“ А.Д. изготви соодветна програма која нуди целосно и долгорочно решение за Комбинатот, во целост, истовремено решавајќи локален економски проблем во Градот Кавадарци, велат од „Минстрој Холдинг“.
Нудиме, додаваат, целосна исплата на обврските кон сите доверители на „Фени“ утврдени со стечајната постапка, затворање на стечајната постапка и ставање на Комбинатот во нормален деловен режим, структурирање менаџерски тим кој заедно со висококвалификуваните и искусни работници на „Фени“ ќе работат на развој на Комбинатот, обезбедување висококвалитетна руда како основна суровина за непречена работа на печките, двегодишен инвестициски план во висина од 30 милиони евра за санација на двете електро печки и придружната опрема, како и можност за рестартирање на рудникот во Ржново и отворање нови работни места .
„Минстрој Холдинг" А.Д. е компанија формирана во 1952 година со околу 4.500 вработени, чија основна дејност е експлоатација на олово-цинкова руда. Во сопственост на компанијата се седум рудници во Бугарија и два во Македонија. Една од главните дејности на компанијата е производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија - сонце и вода.