Деблокирањето на Собранието и донесувањето на новиот сет владини мерки за поддршка на компаниите е последниот начин да фатиме чекор кој ќе не одведе на вистинскиот пат, но секако, во корелација со подобрувањето на инфраструктурата, рече денеска претседателот на Стопанската комора Бранко Азески.

Азески истакна дека на македонското стопанство во овој момент му се најнеопходни нови инвестициски активности и вложувања. Мора да се спроведе и попис на населението како единствена основа за суштински економски анализи, а конечно треба да се изедначат и јавниот и приватниот сектор во обврските за плаќањата.

- Да престанеме по 30 години да бараме капитализам без капиталисти и капитализам без профит. Тоа не постои. Побрзо да ги донесеме мерките за поддршка кои ќе испорачаат резултати на краток рок. Убеден сум дека на тој начин конечно, по три децении, ќе воспоставиме темелен принцип и ќе потврдиме дека живееме во пазарни услови - нагласи Азески, додавајќи дека никако не смеат да се запостават малите и средните претпријатија.

Во однос на долгот на државата кон стопанството, претседтелот на Комората рече дека ништо не е променето, ситуацијата идентична, освен што повратот на ДДВ е убрзан и се одвива добро.

- Клучен проблем е приоритетот на обврските на државата кон приватниот сектор. Ќе инсистираме да се промени досегашната регулатива која не ограничува, предвидувајќи да ги наплаќаме побарувањата од општините, а притоа е дефиниран минимум по кој неможеме да наплаќаме. Тоа преминува во пракса и долговите 11 години остануваат неплатени - рече Азески.

Тој најави дека утре влегуваат во владина процедура проектите на Владата и Стопанската комора за поддршка на фирмите.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/03/2018 17:35