Симфониски концерт насловен „Женски приказни“ ќе одржи вечер Македонската филхармонија на кој солист ќе биде руската пијанистка од Германија Олга Шепс, а оркестарот ќе го води нашата диригентка Елена Митревска која кариерата ја гради на европските сцени.

Пред македонската публика пијанистката Шепс ќе го изведе познатиот Концерт за пијано и оркестар бр. 3 од Лудвиг ван Бетовен. На програмата оваа вечер се и Бетовеновата увертира „Леонора“ бр. 3, како и избор од експресивните две свити „Арлезијанка“ од францускиот композитор Жорж Бизе.

Руската пијанистка Олга Шепс почнала да изучува пијано на петгодишна возраст. Во 1992 година нејзиното семејство се преселило од Москва во Германија, и тоа ќе стане новиот дом на Шепс.

Сега е активна како концертен пијанист не само во Германија, туку и во Русија и во Англија. На 16 години станала еден од најмладите студенти на Музичката академија во Келн каде дипломирала во 2013 година. Нејзиниот професор Павел Гилилов, како и нејзините родители, и двајцата пијанисти и учители по пијано, сè уште имаат важна улога во нејзиниот развој како музички уметник.

Во 2009 година потпишала ексклузивен договор со „Сони класикал“, за чија издавачка куќа во 2016 година го сними својот седми албум. За албумот „Шопен“ ја доби наградата „Ехо“ во категоријата „Млад уметник на годината“. Како „Стенвеј“ артист, Олга Шепс денес живее во Келн, настапувајќи на голем број фестивали за класична музика надвор од нејзината земја, со видни оркестри и диригенти.

Диригентката Елена Митревска Скопје доаѓа од Овиедо каде што од 2016 е ангажирана како хор-мајстор во Операта во тој шпански град. Дипломирала на Одделот за музичка теорија и педагогија на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 2008 и продолжила во Виена на Универзитетот за музика и изведувачки уметности каде дипломирала – најпрвин хорско диригирање, а потоа и оркестарско диригирање заедно со престижниот Виенски камерен оркестар.

За време на студиите активно работела како диригент на неколку хорови во Виена и го основала ансамблот „Глезум” со кој во 2013 ги изведува Чичестер псалмите од Леонард Бернштајн.

Уште од почетокот на студиите е редовен член на хорот „Арнолд Шенберг“ каде од 2012 година работи и како асистент на концертните, но и на оперските проекти во Theater an der Wien. Има настапувано во престижни сали, како Musikverein, Wiener Konzerthaus, Suntory Hall, KKL и соработка со диригенти како Николаус Харнонкур, Клаудио Абадо, Бернард Хаитинк, Сајмон Ратл, Рене Јакобс…

Во 2014-та ја добила наградата „Ервин Ортнер“ за значајни достигнувања во областа на хорското диригирање во Австрија, а во 2015-та го презела уметничкото раководство на хорската и оркестарска музичка работилница во Хинтершмидинг, Германија.

Македонското деби како диригент Елена Митревска го имаше во 2015 година со Камерниот оркестар на Музичка младина на „Охридско лето“ и на „Скопско лето“.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/03/2018 15:59