Секогаш сме имале убави концерти во Охрид. Последниот беше летото 2015-та на Антички театар. Сите се радувавме на поканата и што викендов ќе сме тука, порача на денешната прес конференција познатата македонска пејачка Каролина Гочева, која вечерва ќе одржи голем концерт во Охрид.
- Охрид е еден од нашите омилени градови. Изминатата недела одржавме седум концерти во Скопје ио промовиравме новиот албум „Извор“. Вечерва ќе ги изведеме сите песни од новиот албум, но и некои постари песни. Ќе одиме со истата програма од Скопје, доаѓаме со 10 музичари и се надевам дека ќе имаме одлична вечер, напомена Гочева.
Концертот е во организација на FEEL Продукција од каде истакнаа дека вечерашниот концерт ќе биде и официјална охридска промоција на новиот албум на неповторливата Каролина Гочева:
- Заедно со Авалон продукција изминатиов период работевме на организација на концертот и превземени се сите мерки за истиот да помине во најдобар ред и со испочитувани професионални стандарди за еден ваков настан. Сакаме да ги поканиме повторно да дојдат „СИТЕ ВО ОХРИД“ и да се забавуваме со квалитетна музика и артисти. Пред нас е уште еден фантастичен 8-мо мартовски викенд во нашиот прекрасен Охрид, истакнаа од FEEL Продукција.
Концертот ќе се одржи во Спортската сала „Билјанини извори“ со почеток во 21:00 часот. Билетите се продаваат и денес во сите „Тамаро“ маркети во Охрид и Струга, како и во Бистро Корнер. За тие кои нема да се во можност да ги купат од продажните места, билети ќе се продаваат и на самиот влез од 18:00 до 21:00 часот. Вратите за влез ќе бидат отворени од 19:00 часот.