Амбасадорката на Јапонија, Кеико Ханеда, потпиша договори за доделување на грантови од Јапонија во вредност од 428.066 евра, со девет јавни институции од Македонија. Грантовите се доделуваат во рамките на Програмата „Грант-помош за поддршка на мали проекти за човекова безбедност“ (ГГП). Оваа година, грантовите ги добија јавни здравствени установи и основни училишта.
На церемонијата Амбасадорката Ханеда укажа на важноста од спроведувањето на овие проекти и посветеноста на Јапонија во зајакнувањето на билатералните врски меѓу двете земји.
- Ние, граѓаните на Јапонија, како пријатели на Македонија, сме многу среќни за сите жени, мажи и деца кои ќе имаат корист од овие проекти - потенцираше амбасадорката.
За прв пат, потпишувањето се одржа со учество на високи владини претставници со што се потврдува континуираното зајакнување на односите меѓу Јапонија и Македонија. Јапонија ја спроведува програмата од 1996 година, а доделената помош изнесува повеќе од 6 милиони евра. Со овие грантови, реновирани се над 60 училишта, набавена е опрема за 40 здравствени установи, а доделени се и повеќе од 20 специјализирани возила за јавните претпријатија. Во Македонија досега се доделени околу 420 милиони евра преку различни програми од Јапонија.
Добитници на грантовите за 2017 година, со имплементација во 2018 година се 5 јавни здравствени установи и 4 општински основни училишта.
ОУ „Браќа Миладиновци“ од Куманово, доби 44.779 евра за нов систем на греење и нови прозорци. ОУ „Добре Јованоски“ Прилеп доби гранот од 49.456 евра наменет за реновирање на тоалетите и нова просторија за советување на учениците и родителите.
ОУ „Свети Климент Охридски“ од Битола добива гант во износ од 52.348 евра за реновирање на прозорците и вратите.
Општината Долнени доби грант од 44.238 евра за реновирање на училиштето Исмаил Ќемали во село Црнилиште, за реконструкција на дотраениот кров и инсталирање нов систем за греење.
Универзитетската Клиника за Гинекологија и акушерство од Скопје ќе набави 40 нови електрични болнички кревети, душеци и основен мебел со грантот во износ од 54.166 евра.
Здравствениот дом „Гоце Делчев“ во Општина Делчево доби грант за набавка на апарат за ултразвук во износ од 33.563 евра.
Универзитетската клиника за Дигестивна хирургија од Скопје ќе реновира два ката од клиниката со набавка и замена на нови врати и прозорци, нов таван и молерисување во износ од 46.370 евра.
Клиничката болница од Штип ќе набави две нови медицински возила за транспорт на пациенти во износ од 40.262 евра.
И Институтот за респираторни болести кај деца – Козле ќе обезбеди нов апарат за ултразвук и 10 монитори за кислород во износ од 62.794 евра. Новата опрема ќе овозможи прецизна и точна дијагностика кај пациентите во клиниката.