За увозот на 95 проценти од српското брашно во Македонија контролните маркички ќе се лепат кај нас, односно ќе се добиваат по добиената анализа од Агенцијата за храна и ветеринарство, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски одговарајќи на новинарско прашање колку ова брашно е безбедно и контролирано.
Тој смета дека јавноста треба да е добро информирана за тоа што е договорено на средната со потпретседателот на српската влада, Расим Љаиќ пред неколку денови.
- За брашното од еден до пет килограми тешко контролните маркички да се лепат тука во Македонија и тие ќе останат да се лепат во Србија. Но, тоа е пет проценти од вкупниот увоз на брашно од Србија, кој годишно изнесува 40 илјади тони. За 95 проценти останува новиот правилник, со кој е предвидено маркиците да се лепат во Македонија, односно да се добиваат по добиената анализа во Агенцијата за храна и ветеринарство. Граѓаните не треба да бидат загрижени, бидејќи се работи за мали количини споредено со вкупниот увоз, а за најголемиот дел останува новиот принцип на контрола со лепење на маркици тука - одговори министерот Николовски.
Тој додаде што со Србија на долг рок ќе се решаваат и многу други прашања од областа меѓусебната стопанска соработка и веќе на 15 март во Белград ќе се состане Мешовитиот комитет за меѓусебна соработка меѓу Македонија и Србија и при тоа се очекува да бидат решени и многу други прашања значајни за земјоделците.
На новинарско прашање за кои производи од Македонија Србија поставува царински и даночни бариери за извоз, министерот Николовски одговори.
- Проблемот е со оризот. Се прават анализи кои се чекат да стасаат дури 15 денови. Се прават во Ниш и на нив предолго се чека. Проблем е со извозот на водата и алкохолните пијалоци. Имаат нов правилник со кој се зголемува ПХ вредноста за месните производи. Ние ги нотиравме овие проблеми заеднички со Стопанската комора и Комитетот ќе има задача на првиот состанок да направи листа од двете страни за отстранување на сите бариери и одолговлекувањето на постапките - одговори министерот Николовски.
Тој додаде дека на долг рок ќе се отвори прашањето на взаемно признавање на сертификати и на други активности кои треба да значат кратење на постапките и процедурите и забрзување на протокот на стоки меѓу двете држави.