Пред 75 години на 11ти март започнала депортацијата на македонските Евреи во логорот Треблинка, 7144 наши сограѓани го започнале својот пат без повраток. Македонскиот пример е особено ужасен и болен, ликвидирани се 98% од припадниците на Еврејската заедница, од кои дури 50% биле деца. Еврејските маала во Битола, Штип и Скопје останале празни, останале празни куќи и домови, а ние сме останале без нашите сограѓани, соседи и пријатели.
Само документите и неколкумина преживеани остануваат да бидат единствениот сведок за траорната судбина на овие луѓе.
По повод 75 годишнината од депортирањето на македонските Евреи би сакал да оддадам почит и жалење за она на кое што Еврејската заедница во Македонија била подложна во минатото. Не смееме никогаш да го заборавиме плачот и тагата на овие семејства и нивната голгота. Нека останат во меморијата на македонскиот народ и никогаш да не се повторат.
Слава им!