Во вчерашната емисија на ТВ Алфа „Без ракавици“ на тема „Може ли Македонија да ја преживее економската криза на Заев“ гостуваше професорот на економскиот факултет и поранешен министер за финансии и министер за развој, Трајко Славевски.
Имено, во емисијата се коментираше за економската ситуација во Македонија после податоците за четвртиот квартал за раст на БДП и годишниот катастрофален раст од само 0 % на македонската економија.
Професорот Славевски истакна дека растот на БДП за 2017 година е еден од најлошите резултати не само во Европа туку и во регионот. Во услови кога Романија има раст од 6% потоа Србија од 1,9 % Хрватска 2,8 % ,Словачка 3,4% ,Бугарија 3,6%,Словенија 5 %, и Романија 7% Македонија бележи стагнација на економската активност.
Славевски истакна дека последниот квартал од гледна точка на растот и по природа на нештата е секогаш попродуктивен бидејќи е поттикната јавната и личната потрошувачка и нагласи дека растот од само 1,2 % на БДП е разочарувачки бидејќи не ги надоместува загубите во БДП во останатите три тримесечја.
Тој кажа дека најзагрижувачки е фактот дека по смената на власта после која се очекуваше релаксација кај главните актери во економијата, кај населението домаќинствата и бизнисите и која би резултирала со зголемен ентузијазам и придонес за зголемена економска активност не се случи.
Професорот истакна дека тоа треба да биде загрижувачки за сите затоа што во услови кога светската и европската економија бележат раст македонската економија стагнира. Уште поалармантно е дека во време кога светската економија го достигна својот врв очекувањата за наредните периоди е дека ќе има надолни движења и дека тоа воопшто не е добро за ранлива економија како што е македонската.
Славевски смета дека Македонија не ги искористи поволните позитивни економски движења во светската и европската економија да генерира раст и дека во наредните години тоа би било уште потешко.