Компаниите генерално немаат забелешки за мерките од третиот столб на владиниот План за економски раст, но имаат нејаснотии во однос на условите и критериумите што се различни од мерките во првиот и вториот столб.

За деталите околу можностите и критериумите за користење на мерките денеска дебатираа бизнисмени од Стопанската комора на Македонија со Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој, институција преку ќе се реализираат активностите.

Според Деспотовски, размената на информации со бизнисот и разјаснувањето на мерките се важни со оглед дека е во тек изработката на правилниците со кои ќе се применуваат мерките.

Според Деспотовски, од средбите со бизнисмените во изминатите недели може да се види дека кај нив има голем интерес за мерките. На крајот на месецов, како што најави, ќе биде објавен првиот повик за користење на мерките од третиот столб.

- Забелешки нема, има повеќе прашања и коментари од аспект на појаснување, како на пример со колку проекти можат компаниите да аплицираат, дали може да се аплицира за повеќе мерки одеднаш, како и прашања што претставува иновација, изјави Деспотовски.

На компаниите, како што рече, им појаснуваат дека првпат се воведува можност за финансирање технолошки развој што подразбира набавка и примена на нова технологија, што ќе ја поттикне конкурентноста на компаниите.

За подготовка на проектите со кои компаниите ќе можат да аплицираат за користење на мерките ќе имаат помош од Фондот за иновации каде им се на располагање стручни лица и со кои ќе можат да работат по претходно закажан термин.

Билјана Пеева Ѓуриќ, извршен директор во Стопанската комора на Македонија, очекува да бидат разјаснети сите дилеми кои ги имаат компаниите.

- Тука има сериозни мерки коишто може да бидат од корист на бизнис заедницата, како што е мерката за стручно усовршување и пракса на млади кадри кои треба да се вработат во компаниите. Таквата финансиска поддршка секако е добредојдена, бидејќи со стекнувањето дополнителни знаења, вештини и обуки компаниите ќе може да генерираат кадар којшто му е потребен на пазарот на труд, изјави Пеева Ѓуриќ.

За спроведување на третиот столб од владиниот План за економски раст Фондот за иновации и технолошки развој располага со 10,5 милиони евра. Најавени се вкупно три повици за мерките. По првиот што треба да биде објавен до крајот на месецов, повици за користење на мерките ќе бидат објавени и во јуни и во септември. На располагање на Фондот за иновации и технолошки развој се и 7,5 милиони евра, средства од Светска банка, а кои не беа искористени од претходното раководство.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/03/2018 16:30