Раскинувањето на Договорот за Казандол е извесно, по утврдени недоследности во однос на роковите за изградба на рудникот. Се очекува за седум дена Министерството за економија да ја подготви информацијата дека се исполнети условите за тоа, изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Запрашан со врска со информацијата разгледана на синоќешната 58. седница на Владата за степенот на изграденост на рударскиот комплекс „Казандол“ и задолжувањето на Министерството за економија за седум дена да изготви информација за исполнетост на условите за раскинување на договорот за концесија и одземање на дозволата за експлоатација на минерални суровини доделена на 20.7.2015 година, тој нагласи дека одлуката во однос на рудникот Казандол следи по анализите спроведени од работната група која спровела увид на теренот и на правната рамка и утврдила дека се пробиени сите рокови за изградба на рудникот.

– На вчерашната владина седница усвоивме информација за степен на изграденост, која што укажува дека се исполнети условите. Конкретните информации за тоа што ќе следи понатаму ќе се знае за седум дена откако Министерството за економија ќе подготви информација, во чии рамки ќе бидат прецизно наведени условите за раскинување на овој Договор, рече Бошњаковски.

Тој доаде дека работната група констатирала дека се пробиени речиси сите рокови.

Меѓу останатите наоди на работната група се дека: полињата за наводнување и оросување не се направени, производствениот погон е во фаза на градба со целосно завршени бетонски работи и има поставена метална конструкција но во халата нема уреди и машини, постројки и инсталации со кои може да се врши произвдоство.

Бошњаковски додаде дека и за рудникот Иловица, во Струмичко, задолжена е работна група која треба да изврши анализа, која штом ќе биде готова ќе биде ставена на владина седница.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/03/2018 16:39