Наместо да го осуди насилството што се случи во Собранието Ѓорѓе Иванов продолжува со неговите политики на поделби, раздор и конфликт.

Со најавите дека нема да го потпише Указот за Законот за употреба на јазиците, Ѓорге Иванов се обидува да се стави над Уставот на Република Македонија и делува како остаток на поразениот режим.

Иванов е должен да постапува по членот 75 од Уставот на Република Македонија во кој е јасно наведено дека доколку претседателот не го потпише указот за прогласување на законот, Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот.

Иванов е на должност пред граѓаните и законите, а не пред партијата. Со непотпишување на Указот, Иванов го крши Уставот на Република Македонија и работи спротивно на европските вредности и концептот Едно општество за сите, што беше силно поддржан од граѓаните на последните изборни циклуси.

Законот за употреба на јазиците е целосно во согласност со Уставот и амандманот 5 кои се донесени пред 17 години и со неговото усвојување не губи никој, туку се овозможуваат услови за подобра комуникација меѓу граѓаните и институциите.

Иванов не е над Уставот и нема да успее да внесе нови поделби, Македонија е едно општество за сите.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/03/2018 12:12