Последен ден за поднесување годишна даночна пријава за дополнителни приходи во 2017 година. Обврската ја имаат оние кои освен плата и пензија имаат и приходи од кирии, авторски права, работа по договор на дело, дивиденда, капитални добивки од продажба на удел и недвижен имот, од игри на среќа повеќе од 5 илјади денари, како и ангажираните во амбасадите и конзуларните претставништва.
Сите регионални дирекции, во Скопје, Тетово, Штип, Битола, Струмица и Прилеп ќе примаат пријави до 21:30 часот, даночните одделенија во Охрид, Струга, Ресен, Кавадарци, Велес, Неготино, Куманово, Крива Паланка, Кочани, Виница, Свети Николе, Берово, Гевгелија, Радовиш, Гостивар, Кичево и Дебар ќе примаат пријави до 18:00 часот, а даночните шалтери во Демир Хисар, Македонски Брод, Крушево, Кратово, Делчево, Пробиштип и Валандово, вклучувајќи ги и дополнителните шалтери отворени во Центар (зграда на ССМ), како и општините Ѓорче Петров, Гази Баба и Аеродром, ќе примаат пријави до 18:00 часот.
- Со цел избегнување на метежите, особено во Регионалната дирекција Скопје, апелираме граѓаните да ги поднесуваат пријавите и на шалтерите на УЈП кои се отворени за прием на Годишни даночни пријави во Центар, како и општините Ѓорче Петров, Бутел, Гази Баба, Аеродром и Мобилниот даночен шалтер во Драчево што ќе биде стациониран на 15 март пред месната заедница во периодот од 10.00 до 14.00 часот, рече Виолета Ставрова.
Последните податоци на УЈП покажуваат дека се поднесени вкупно 334.360 пријави. Денеска се очекува да бидат поднесени околу 100 илјади. Најмногу или 125.165 пријави се поднесени во Скопје, во Битола 46.400, Тетово 28.621, Струмица 29.982, Прилеп 45.652 и Штип 58.540 годишни даночни пријави.
Пријавите освен на шалтер, можат да се поднесат електронски или да се испратат по пошта.
За ненавремено поднесување или неподнесување даночна пријава следуваат глоби од 100 до 200 евра.