„Секој граѓанин, без разлика на етничката припадност, треба да ја има слободата своите права и економски интереси да ги остварува на мајчиниот јазик, односно да комуницира со институциите на системот на јазикот што најдобро го зборува и разбира. Затоа, потребно е во службена употреба и комуникација со граѓаните на Република Македонија да се воведат и употребуваат јазиците на албанскиот, турскиот, ромскиот, српскиот, босанскиот и влашкиот етникум. Албанскиот и турскиот јазик веќе имаа статус на официјални јазици во Социјалистичка Република Македонија и нивната институционална употреба на никој начин не ја загрози употребата и постоењето на македонскиот јазик“, се вели во реакцијата на „Левица“ на носењето на Законот за јазиците.

„Сепак, треба да истакнеме дека политичките елити во Македонија, низ минативе триесетина години, системски работеа и работат на поделба на народот врз етнички линии, отворајќи си простор за политичко делување и егзистирање кое се заснова на политиканство и национализам, а во суштина претставува узурпација на позициите на моќ за лично богатење. Пример за неспособноста и безволноста на политичарите за решавање на внатрешните проблеми е Охридскиот рамковен договор, кој не доведе до реално унапредување на економската и социјалната положба на малцинствата, дури ни на Албанците, туку придонесе кон поголема гетоизација на граѓаните по етничка основа. Ова е најочигледно во образованието, што, пак, понатаму овозможи шовинистите и националистичките популисти лесно да манипулираат со поделените граѓани, а за проблемите со кои се соочува заедницата да ги обвинат „другите“ (без разлика дали се работи за Македонците или за Албанците). Резултат на вака поставениот систем беше десетгодишното непречено криминално владеење на здружените националисти ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Новиот предлог-закон за употреба на јазиците, кој се заснова на одредбите од Охридскиот рамковен договор, исто како и Охридскиот рамковен договор, отвора реална можност за понатамошно продлабочување на поделеноста во општеството врз јазична/етничка основа. Оваа опасност произлегува, пред сè, од општите и нејасни (воедно – рестриктивни) прописи на новиот предлог-закон. Дополнително, вака поставената логика на предлог-законот за јазици, со процентуална фундираност и рестриктивни мерки, ќе придонесе кон дополнително зголемување на јазот кај веќе поделениот народ, што повторно ја отвора можноста за националистите, уште полесно, да се наметнат во „својата етничка групација“.

Левица смета дека национализмот не може да се намали напросто преку еден закон за употреба на јазиците. Напротив, за тоа треба да се вложи поголем труд и напор и да се преземат други, посуштински мерки. Поточно, ние сметаме дека македонските, албанските, ромските, турските и другите општествени чинители не смеат да бидат вештачки поделени, со засебни образовни програми, во одделни училишта без никаков меѓусебен контакт, а сето тоа единствено поради нивната етничката припадност. Она што е примарно и најпотребно во борбата со постојниот национализам кај младите е укинување на сегрегираното образование и воведување интегрирано образование.

Владејачката номенклатура, на чело со СДСМ и ДУИ, се обиде набрзина и без јавна дебата да го протурка носењето на овој закон и да го убеди народот дека со овој закон „магично“ ќе се намали национализмот и дека Албанците и Македонците во државава конечно ќе почнат да се „сакаат“. Тоа е безочна манипулација, бидејќи национализмот не се победува со политички пазарења и популистичка реторика, туку со принципиелна борба и признавање на правата на заедниците од принцип, а не од политички опортунизам, како во актуелниов случај. Со дополнително разгледување на овој закон, станува јасно не само дека јазот и раздорот меѓу Албанците и Македонците нема да се намалат, туку дека уште повеќе ќе порасне, бидејќи едните сметаат дека нешто им се одзема и губат, а другите сметаат дека добиваат нешто посебно“, велат меѓу другото од Левица.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/03/2018 19:34