Македонските он-лајн продавници треба да се усогласат со Законот за заштита на потрошувачите и на купо-продажните договори во рок од 14 дена.
Како што рече денеска претседателот на Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) Маријана Лончар Велкова, нашите е-продавници се уште не нудат формулар за откажување од договорот, ниту постои начин како да се врати купениот производ.
- Во Македонија само 25 отсто од потрошувачите купувале електронски, највеќе обувки, облека и текстил, изјави Лончар, одговорајќи на новинарски прашања пред настанот по повод Светскиот ден на заштита на потрошувачите.
Минатата година продажбата преку интернет во светски рамки достигнала 2,29 трилиони долари, но речиси 70 отсто од купувачите изразиле загриженост дека нивните дигитални плаќања не се безбедни.
Токму прашањето, како купувачите да му веруваат на дигиталниот пазар и да бидат сигурни дека нивните лични податоци при он-лајн купувањето се заштитени, односно дека нема да бидат злоупотребени, е во фокусот на годинашниот Светски ден.
Според Лончар, паметните телефони, смарт-телевизорите и паметните играчки за деца се само некои од производите кои ја доведуваат во прашање безбедноста на потрошувачите.
- Следењето на нашата приватност и нашите лични податоци станува предмет на голема дискусија како што расте продажбата. Софтверот во т.н. паметни и поврзани играчки како куклата Кејла, не им нуди заштита на семејствата. Преку нив може да ве гледаат дома, да ве снимаат и да ви даваат совети. Преку паметните часовници, пак, исто така, освен вас, децата може да ви ги следи и некој друг, нагласи престедателот на ОПМ.
Во Источна Европа, вклучувајќи ја и Македонија, за е-плаќање најмногу се користат дебитни и кредитни картички, како и трансакциски сметки.