Почитувани граѓани на Република Македонија, дами и господа,
СДСМ ја погази демократијата, Уставот и законите, само за да изгласа закон кој ќе им овозможи да останат на власт без разлика што при пазарењето за зачувување на коалицијата – на маса е ставен неуставен, неприменлив и штетен закон за двојазичност.
СДСМ и ДУИ ги прекршија членовите 67 и 75 од Уставот на Република Македонија кои велат дека првиот човек на Собранието мора да се грижи за правилна примена на деловникот, додека членот 75 предвидува во случај на непотпишување на указот, законот да биде повторно разгледан од пратениците.
Ништо од ова не се случи!
СДСМ и ДУИ ги прекршија членовите 18 и 38 од Законот за Собрание.
Членот 18 предвидува примена на Деловникот кој ја регулира постапката за донесување на закон, а членот 38 го дефинира правото на поднесување на амандмани и преклузивниот рок за разгледување на законот кој бил вратен од претседателот и истиот изнесува 30 дена.
Ништо од ова не е испочитувано!
Двата члена се прекршени!
СДСМ и ДУИ прекршија и 5 членови од Деловникот за работа на Собранието.
Пратеникот Џафери не дозволи пауза, иако таа беше уредно побарана.
Пратеникот Џафери не дозволи кога беше побарана интервенција за несоодветната примена на Деловникот.
Пратеникот Џафери оневозможи претрес на секој амандман одделно и оневозможи разгледување на законот во третата фаза од читање.
Ова што го направија СДСМ и ДУИ е силување на демократијата, покажување брутална моќ и сила. Она што го направија СДСМ и ДУИ е потценување на интелигенцијата на македонскиот народ!
Владејачкото мнозинство покажа дека на Собранието гледа како на гласачка машина, која безпоговорно треба да ги гласа законите кои ќе бидат сервирани.
СДСМ ја обезвредни улогата на Собранието и го поништи уставното право на пратениците, со амандмани да интервенираат во законските предлози.
Власта ги игнорираше укажувањата на претседателот на државата за неуставноста на законот, власта ги игнорираше укажувањата на експертите, политичките чинители и општата јавност на Република Македонија.
Партијата која од опозиција ветуваше дебата на секое прашање сега на сила и на крајно игнорантски оневозможи било каков вид на дебата и на сила се обиде да истурка еден штетен, неприменлив и неуставен закон, кој дополнително ќе ги продлабочи разликите во нашето општество.
Владејачкото мнозинство ја загрози евроатлантската иднина на оваа држава.
Насилното туркање на законот за двојазичност ја стави под огромен знак прашалник препораката за членство на Република Македонија во ЕУ.
Ова не е само став на ВМРО-ДПМНЕ, ова е став на претставниците на земјите членки на ЕУ во Република Македонија.
Францускиот амбасадор Тимоние однесувањето на владеачкото мнозинство го карактеризираше како разочарувачки.
Ако го имате предвид дипломатскиот речник многу е јасна намерата и пораката со кажаното.
14-ти март ќе остане запаметен како ден кога беше понижена демократијата, ден кога со правната држава и владеењето на правото беше избришан под.
ВМРО-ДПМНЕ не е против проширување на сетот права на етничките заедници. ВМРО-ДПМНЕ смета дека истите треба да бидат проширени, но само согласно со Уставот и законите во оваа држава.
ВМРО-ДПМНЕ не го признава и нема никогаш да го признае овој неуставен закон.
ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш истакнува дека некој ќе одговара за ова што го стори!!!