Владејачкото мнозинство на сила и без почитување на правото на амандманска расправа го донесе неуставниот закон за двојазичност, кршејќи го Уставот, законот и Деловникот на Собранието на Република Македонија.
Со овој неуставен, неприменлив и штетен закон, без постоење на реална потреба се наметнува двојазичноста на целата територија на Република Македонија. Со овој закон се предвидува и двојазичност на парите, ковани и книжни, но и на униформите на полицијата, пожарникарите и здравствените работници.
Овој закон е во целосна спротивност со Уставот и амандманите 5 и 8 од истиот. Овој закон ја загрозува унитарноста на државата и единството на полицијата, како орган.
Ова е сосема спротивно од ветувањата на Зоран Заев дадени пред македонската јавност и претседателот на државата Иванов, а искажани од партиска прес конференција на 10 март 2017 година, на која Заев кажа дека уставните експерти кои ги консултирал му укажале дека двојазичноста на парите и униформите е спротивна на уставните одредби.
Заев вети, Заев излажа. Со новиот закон за двојазичност парите, ковани и книжни ќе бидат двојазични. Двојазични ќе бидат и униформите на полицијата, пожарникарите и здравствените работници. Заев ги излажа македонските граѓани и претседателот Иванов кој му го даде мандатот.
Законот за двојазичност е неуставен, тоа го потврдија и експертите по уставно право а и претседателот на нашата држава. СДСМ наместо интересите на државата и граѓаните, на преден план ги стави коалициските интереси.
Владејачкото мнозинство не ги испочитува забелешките на претседателот Иванов, за неуставноста на законот за двојазичност. СДСМ и ДУИ се ставија над Уставот. Оттука чекорот на претседателот Иванов да не го потпишува указот на законот за двојазичност е државнички потег и единствено очекуван потег кога се крши Уставот и се дерогира правото.
ВМРО-ДПМНЕ не го признава овој закон и никогаш нема да го признае овој неуставен закон.
ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека за ова флагрантно кршење на правниот поредок на државата одговорност ќе има. ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе интерпелација и кривична пријава против Талат Џафери, кој ја узурпираше функцијата претседател на Собранието на Република Македонија.