Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги предупреди претставниците на администрацијата на САД да се воздржат од провокативни акции кои би ја уништиле средбата на Доналд Трамп и лидерот на Северна Кореја Ким Јонг Ун.

“Дури и во момент кога претседателот на САД Доналд Трамп најави дека е подготвен да се сретне со севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун и да ги реши сите проблеми, претставници од неговата администрација инсистираат да се продолжи со притисокот врз Пјонгјанг. Тоа не е прифатено во дипломатијата” , истакна Лавров.

“Кога една средба се договара е важно да се почитува договореното, а не да се повикува на активности кои би можеле да се протолкуваат како провокации чија цел е неуспехот на самитот”, додаде тој.

Потсетуваме дека на 8 март претставник од Сеул изјави за новинарите во Вашингтон дека претседателот на САД Доналд Трамп изразил подготвеност да се сретне со Ким Јонг Ун во мај. Но следниот ден, сепак, Прес секретарот на Белата куќа Сара Сандерс рече дека средба меѓу двајцата лидери нема да има додека Северна Кореја не преземе конкретни активности за да престане нуклеарниот развој.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/03/2018 01:50