Влатко Стефановски вечер концертно ќе го промовира „Мајчин јазик“ – негов прв соло акустичен албум кој за регионот го објави „Кроација рекордс“ од Загреб. Вечерашниот е прв од трите концерти (17-ти, 18-ти и 20 март) за промоција на албумот, кои ги организира „Баги комуникации“ во Македонската филхармонија.
Новиот албум на најпознатиот македонски гитарист излезе во октомври, три години по претходниот негов албум „Сеир“. Содржи девет инструментални верзии на македонски народни песни, како и композиции од опусот на „Леб и сол“. Вокална композиција на албумот е само изворната македонска песна „Море, сокол пие“ во која стиховите ги пее Раде Шербеџија.
Стефановски изјави дека „Мајчин јазик“ е направен со минимум технологија, интимен зашто и се обраќа директно на публика. Снимен е во само неколку дена минатата пролет. На обвивката на албумот е фотографија од неговата мајка, актерката Нада Стефановска, со гитара во рацете, од улога во претстава во 1946 година.
Специјални гости на концертите на Стефановски ќе бидат етно-групата „Љубојна“, српската етно-пејачка Биља Крстиќ, сопранистката Весна Гиновска-Илкова како и Вера Милошевска и Оливер Јосифовски од групата „Љубојна“.
Стефановски вели дека самиот ги осмислил насловот на албумот и обвивката.
-Насловот го смислив, имајќи на ум дека снимам автентична музика, главно теми од македонската народна музика, а се разбира и мои композиции. Го крстив така, затоа што овие теми ми се мајчин јазик. Јас се обраќам на тој мајчин јазик, се надевам дека добро музички го владеам-вели гитарската легенда.
По Скопје, Стефановски го очекуваат концерти во Белград, Виена и во Загреб.