„Денес,18 март 2018 година, во Скопје, ДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ ,одбележа 18 години од формирањето на партијата.
На одбележувањето, присуствуваа над 200 активисти на ДС, гости од политички партии, медиумите и симпатизери на ДС.
Пред присуните кусо обраќање имаше Павле Трајанов, претседател на ДС, кој меѓу другото нагласи: „ Пред 18 години, неколкумина одлучивме да го формираме ДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ, да им понудиме избор на граѓаните, притоа понудивме програма и концепт за реформи каде во центарот на вниманието е човекот, неговите права и слободи.
Имавме свој став за сите актуелни и битни политички настани, ништо не премолчавме, предлагавме идеи и визии за подобра и економски силна Македонија и бевме и сме сигурни дека Македонија ќе успее.
Во Демократскиот сојуз досега се вклучиле над 35.000 граѓани, дел од нив можеби од разни причини заминале, но секогаш имало и има јадро кое опстојувало на основните определби и цели: "борба за правда, за владеење на правото и подобар живот за сите".
Издржав и јас и моите соработници, со кои 18 години сме заедно, но и моето семејство, посебно мојата сопруга која постојано ме поддржува и во најтешките моменти ме храбри да продолжам понатаму...
Како партија сме за промени, за реформи, за слобода на говорот и против богатење на грбот на граѓаните, но не секогаш сме разбрани.
Во овие турбулентни времиња, сме за коренити и суштински реформи на судскиот систем и тајните служби, кои подолго време беа инструмент за заштита на властодршците.
Секаде јазикот е средство за меѓусебно разбирање, а кај нас инструмент за конфронтации, поделби, предизвикување нестабилност, како и условувања и уцени.
Од нестабилните држави бега капиталот, но заминуваат и младите, интелектуалците, професионалците и научниците. Ако не ја стабилизираме државата ќе останеме и без доктори и компјутерски инженери.
Пред Македонија се отвораат реални перспективи за развој, услови за бизнис и повеќе права и слободи за сите.
Стабилноста, имплементацијата на европските вредности и разрешување на отворените прашања со соседите, се гаранција за деблокирање на евро-атланските процеси и отварање на вратите за влез во НАТО и ЕУ.
Дали ќе се одлучиме за иднината или ќе се вратиме во минатото, зависи од нас.
Национализмот и идеите за големи држави на Балканот, секогаш завршувале со крвав расплет. Треба да направиме се за да се избегнат внатрешните конфликти и немири.
Ние македонците и сите граѓани во Македонија, без разлика на етничката припадност, можеме да живееме во “голема држава” – во унијата на европските држави.
Наша цврста определба, е што побрзо да се приклучиме во семејството на државите на Европската унија, каде различностите се предност и каде се отвораат повеќе можности да се живее подобро, но со работа.
Сите сме одговорни за иднината на државата, треба да ја чуваме, без држава ќе не снема и како народ.
Денес, Демократскиот сојуз станува “полнолетна” партија.
Ние, од Демократскиот сојуз, во политичката борба, секогаш сме биле и остануваме со народот“.
Трајанов зборувајќи за актулните состојби посочи дека во функција е зголемување на одговорноста на Власта, треба да се направат промени во изборните законски решенија, при што клучно е Македонија да биде една изборна единица.“ се вели во соопштението на Демократскиот сојуз.