Рускиот претседател Владимир Путин ја доби довербата на над 76 отсто од граѓаните на денешните претседателски избори во Русија, пренесуваат руските медиуми.
Путин им се заблагодари на своите поддржувачи собрани на московскиот Црвен плоштад, порачувајќи дека пред Русија е голема иднина доколку народот остане обединет.
Претходно вечерва, според 30 отсто пребројани гласови, руската Централна изборна комисија соопшти дека Путин освоил 73,1 отсто од гласовите.
Кандидатот на Комунистичката партија Павел Грудињин е втор, на третото место е лидерот на националистичката Либерално-демократска партија на Русија Владимир Жириновски, а четврта е новинарката Ксенија Собчак.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека резултатите на изборите се „извонредни“. Убедливата победа на Путин му донесе уште еден шестгодишен претседателски мандат, до 2024 година. Путин таа година ќе го прослави 71 роденден и речиси четврт век на челото на државата, што ќе значи дека само советскиот диктатор Јосиф Сталин владеел подолго.