Буџетскиот совет на Собранието на РМ денеска ја одржа првата седница.

Со Буџетскиот совет раководи пратеничката од СДСМ Фросина Ременски, која е еден од потпретседателите на Собранието, а на конститутивната седница присуствуваше и претседателот на Парламентот Талат Џафери.

На дневен ред беше Предлог стратешкиот план на Собранието на РМ за периодот 2018-2020 година. Овој документ, што меѓудругото предвидува и засилена дипломатска активност на Парламентот, денеска им беше предаден на присутните членови на Советот, а ќе биде разгледуван на неговата наредна седница

Доцнењето со конституирањето на Буџетскиот совет е поради одложување на изборот на потпретседатели на Парламентот. Според Деловникот на Собранието, претседател на Буџетскиот совет е еден од потпретседателите на Собранието, а заменик претседател е претседателот на Комисијата за финансирање и буџет.

Буџетскиот совет ги утврдува стратешки приоритети на Собранието за наредната година и нивно вклучување во Буџетот на Република Македонија со предлагање на посебни програми и потпрограми, дава упатства и насоки за подготвување на предлогот на буџетските барања и потребите за работа на Собранието. Тој и предлага на Владата во соработка со Министерството за финансии максимален износ на средства за Собранието за наредните три фискални години, го следи извршувањето на расходите во Буџетот на Собранието и предлага прераспределба на средства во рамки на одобрените средства со Буџетот на Република Македонија, донесува деловник за својата работа и врши други работи утврдени со закон.

Меѓу надлежностите на Буџетскиот совет е и утврдување на стратешките приоритети на Собранието најмалку за наредните три години.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/03/2018 22:31