Митко Јанчев, градоначалник на општина Кавадарци и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во неговото вчерашно гостување во емисијата Анализа на ТВ 24, рече дека тој како носител на јавна функција и човек кој се грижи за подобар и поквалитетен живот на граѓаните во град Кавадарци е загрижен и изненаден од начинот на кој се изгласа Законот за употреба на јазиците во Собранието на Република Македонија, од страна на СДСМ и владејачкото мнозинство.
Според него овој закон не е применлив и прифатлив кој создава голем гнев кај граѓаните.
-Без разлика кој на која политичка партија припаѓа, сметам дека демократијата мораме максимално да ја негуваме и во Собранието и во локалните самоуправи. Секако друго оправдување на било кој од овде дека не го распознавме гневот на граѓаните на Република Македонија, без разлика дали тоа се Македонци, Албанци, Роми, Власи, сметам дека ќе нанесеме уште поголем гнев кај граѓаните. Гневот на граѓаните е оправдан и сметам дека е легитимно во една демократија да го каже своето мислење преку мирни протести, како што и се во моментот протестите мирни и ненасилни, истакна Јанчев.
Тој додаде дека ова што сега се случува во државата се случува прв пат од независна Македонија. Како што рече тој ова е политички револт зошто на еден недемократски начин се донел законот за јазици.
-Кога еден пратеник кој што е избран од страна на граѓаните на демократски избори кога ќе се доведе во ситуација да го чува полиција пред куќа. Јас кога би се довел во таква ситуација, ќе бидам првиот кој ќе си поднесе оставка, бидејќи да ме чува полиција од сопствените граѓани не смее да си го дозволи никој пратеник ниту човек носител на јавна функција, кажа Јанчев.