Денес претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од Радовиш даде изјава за медиуми, каде пренесе ставови и согледувања по однос на повеќе актуелни прашања и теми.
Денес сме во Радовиш, Подареш и во Василево, продолжуваме со теренските посети. Утрово започна со дружење со младите во Радовиш. Навистина добивме вистински впечаток како се чувствуваат тие, што се случува во Радовиш и како го воспримаат она што се вели нова локална власт, но и она што се вели нови политики на владата предводена од СДСМ, а вистинската слика е поразителна.
Голем дел од граѓаните ги пренесоа нивните негативни искуства во делот на субвенциите, се уште дел од тутунопроизводителите ги немаат добиено субвенциите, но и оној тутун кој што беше продаден од минатата реколта е ценет погрешно, односно се намалуваат вештачки класите со цел да се обештетат земјоделците со помала цена, односно да се откупи нивниот труд со мала цена, истакна Мицкоски.
Тој посочи дека младите се загрижени за нивната за бесперспективноста, немањето идеи, немањето проекти кои што ќе значат дополнителен квалитет во нивниот живот. Изразија жалење дека се поголем број нивни врсници ја напуштаат Македонија, го напуштаат Радовиш, посочи Мицкоски.
Доаѓа време кога новите проекти, новата програма на ВМРО-ДПМНЕ ќе понуди решенија за секој млад човек, ќе понуди иднина за секој млад човек, нов квалитет во нивниот живот. Тимови на ВМРО-ДПМНЕ работат на таа програма, но исто така искуствата кои што ги добиваме од овие теренски посети се исто така многу значајни во финалниот производ, а тоа е новата програма која што ВМРО-ДПМНЕ ќе ја промовира пред граѓаните. Рековме дека тоа ќе биде најсовремената, најмодерната програма кој што ќе нуди нова технолошки развиена Република Македонија, изјави Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски се осврна на економијата и лошите резултати.
Македонија продолжува да тоне. Светска банка, објави податок дека Македонија е втора на дното во регионот на намалување на невработеноста. Што исто така како податок, многу загрижува, покрај податокот што растот на бруто домашниот производ во цела 2017 година е 0%.
Растот на БДП во последниот квартал е 1,2% и е убедливо најнизок во цела Европа ако го споредиме со земјите од југоисточна Европа како што е Словенија, Романија 6,5%, Чешката Република 5,1%. Веќе ги комунициравме во минатото во неколку изјави, растот на БДП во Унгарија, во Бугарија. Нас не ставаат заковани на дното и тоа е уште еден проблем плус и демотивација за луѓето во Република Македонија.
Државните резерви се намалени за 277 милиони евра. Катастрофалните политики на полето на економијата се нормално резултат на безидејноста, немањето визија, немањето проекти на владата на господинот Зоран Заев, изјави Мицкоски.
Во однос на најновите обвинувања упатени од СДСМ на сметка на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски испрати до Заев две пораки.
Ја користам оваа прилика да упатам две пораки до господинот Зоран Заев и неговите министри. Ова безнадежно и безидејна политика која што ја спроведуваат ги плаши. Јас можам да ги разберам бидејќи новата енергија, новиот пристап што ВМРО-ДПМНЕ ја има помеѓу граѓаните се чувствува веќе секаде онаму каде што идам. Можам да сретнам луѓе кои што се незадоволни од политиките на господинот Зоран Заев и масовно да ни се приклучат. Јас можам да го разберам но не можам да го оправдам господинот Зоран Заев во неговите политики, ваквите кои што ги користи и во целокупната машинерија која што стои позади него за мене е мотив. Автентичноста на моите политики многу брзо ќе биде препознаена и потврдена од страна на граѓаните на следните парламентарни избори кои што многу наскоро ќе се одржат. Она што е многу поважно е што ќе остави Заев позади себе? Дали новата влада која што ќе биде составена од ВМРО-ДПМНЕ ќе може на крајот тоа да го санира и да ги поправи сите оние штети што Зоран Заев и неговата група околу него.
Јас сум секогаш оптимист, ќе бидам и во овој случај оптимист. Втората порака до сите граѓани на Република Македонија до Радовиш, до граѓаните во Василево, Ново Село, струмичко да ни се придружат на патот кон детронизирање на оваа власт која што не знае како, нема идеја и само ја втурнува Македонија ретроградно во минатото. Дојдете придружете ни се во оваа наша битка до конечна победа и детронизирање на оваа неуспешна власт предводена од Социјалдемократскиот сојуз и Зоран Заев.