Министерството за финансии подготвува платформа со која јавноста ќе има увид во исплатите од Трезорот, најави денеска министерот за финансии Драган Тевдовски на дебатата за предизвиците во реформите на јавната администрација.

Како што истакна Тевдовски, транспарентноста е многу важна за добро функционирање на институциите. Затоа, посочи, се преземаат низа реформи и мерки за да се подобри транспарентноста и отчетноста.

- Во тек е подготовка на платформа со која јавноста ќе има увид во сите трошења од Трезорот. Ќе направиме консултации со граѓанските организации, со медиумите, за да придонесат во изработката на платформата. Сметаме дека со овој чекор ќе придонесеме до целосно отворање на процесите на управување со јавните финансии кон јавноста, рече Тевдовски.

Според него, уште една реформа во подобрување на транспарентноста кај јавните финансии, е новиот закон за евиденција на обврските што е во собраниска процедура. Со законот ќе се овозможи евиденција на сите преземени обврски од страна на државните институции, фондови, општини, така што тие ќе бидат обврзани да ги внесуваат во софтвер подготвен за таа цел.

Софтверското решение е во финална подготовка.

На тој начин, укажа министерот за финансии, ќе има целосна отчетност за државните обврски и ќе се избегне нивно натрупување како што беше случај во минатото.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/03/2018 16:58