Директни летови од Истанбул до охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ ќе воведе турската авиокомпанија „Онур ер“ од 15.-ти следниот месец, во соработка со тур-операторот Татилбудур, најавија претставници на компаниите денеска на прес-конференција во Истанбул.

На новата сезонска рута „Онур ер“ ќе лета еднаш неделно, со тргнување од аеродормот „Ататурк“ во Истанбул во 13.40 часот, и враќање од Охрид за Истанбул во 15 часот. Летовите ќе бидат со авиони од типот Ербас А320.

Генералниот директор на „Онур ер“ Тоеман Тосум изјави дека компанијата има интенција да воспоставува авионски врски со дестинации што не ги покривале, изразувајќи уверување дека има заинтересираност на турските туристи за посета на Охрид и Македонија.

Првично билетите за летот ќе се продаваат преку „Татил Будур“, но ќе бидат понудени и на отворена продажба доколку постои интерес на пазарот.

– Годинава ќе организираме 22 тури до Охрид, со 23 лета. Со овие летови, ќе им овозможиме на турските туристи да патуваат по поволни цени, во шест земји без визи и тоа Македонија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина,Србија и Косово – изјави главниот извршен директор на тур-операторот „Татил Будур“, Џенк Ангин.

Воспоставувњето сезонска авионска линија е резултат на преговорите што авиокомпанијата ги имаше со македонската Влада, како обид за привлекување што поголем број гости на Охридската ривиера.

Патниците на „Онур ер“, освен што ќе бидат во можност да остварат директен лет од Истанбул до Охрид, во Турција ќе имаат можност да летаат во шест градови по пристапни цени и тоа за Адана, Алања-Газипаша, Анталија, Истанбул, Измир и Трабзон.

Турските гости претставуваат значаен сегмент во вкупниот број гости кои престојувале во Македонија. Минатата година Македонија ја посетиле 129.708 турски туристи што е зголемување за 22,7 проценти споредбено со 2016.

Генералниот директор на ТАВ Македонија Алпер Ерсој најавува дека покрај сезонските летови од Холандија, Белгија, Англија, Израел, Полска и Србија, кои ги имаат на Охридскиот аеродром, оваа година во портфолиото, освен летовите на „Онур ер“, ќе вклучат и сезонски летови од Естонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/03/2018 22:35